Министерот утрово присуствувал на владина седница, но тоа што биле почитувани протоколите ги спасило остатите членови на владата да не заминат во изолација
Германскиот министер за здравство Јенс Шпан (40) е позитивен на новиот коронавирус, потврди денеска Министерството за здравство.
Шпан бил тестиран за вирусот, бидејќи имал симптоми слични на настинка неколку дена, а сите лица кои имале контакт со него се информирани дека е болен.
„Германскиот министер за здравство Јенс Шпан, кај кој попладнево беше потврден новиот коронавирус, учествуваше на седница на германската Влада утрово, но засега другите министри не треба да бидат ставени во карантин“,
изјави портпаролот на Владата.
Според него, правилата за физичко растојание и хигиена се строго пропишани во владата.
Според порталот „Фокус онлајн“, ниту германската канцеларка Ангела Меркел нема да биде ставена во изолација.
„Ројтерс“ потсетува дека за да можат да ги почитуваат мерките за физичка дистанца, германската влада од почетокот на пандемијата одлучила седниците да ги одржува во поголема конференциска сала.
Покрај министерот за здравство, од германските функционери во изолација во моментов се и министерот за труд Хубертус Хајл и претседателот Франк-Валтер Штајнмаер. Двајцата имале контакти со лица кои биле позитивни на ковид-19.