Претходно, иницијативата на германските градови Дизелдорф, Хановер и Бон да прифатат деца од Појасот Газа и Израел на кои им е очајно потребна хуманитарна помош, беше отфрлена и од Министерството за внатрешни работи

Германската влада изрази резервираност по иницијативата на некои германски градови кои изразија подготвеност да прифатат деца од Појасот Газа и од Израел, велејќи дека помошта во моментов им е потребна на многу луѓе, а не само на поединци.
Сега, пред сè, потребно е да се обезбеди помош на што е можно повеќе луѓе на самото место, изјави шефот на кабинетот на канцеларот, Торстен Фрај. Тој објасни дека во ваквите акции секогаш е проблем кого да се избере за превоз до Германија, а кого не.
„Ова би била помош само за поединци, а во моментов на многу луѓе им е потребна помош“,
рече Фрај.
Претходно, иницијативата на германските градови Дизелдорф, Хановер и Бон да прифатат деца од Појасот Газа и Израел на кои им е очајно потребна хуманитарна помош, беше отфрлена и од Министерството за внатрешни работи.
„Изводливоста на ваквите акции зависи првенствено од безбедносните прашања, можноста за напуштање на земјата, како и од многу други фактори“,
објави Министерството за внатрешни работи.
Германските градови изразија подготвеност да прифатат неколку десетици деца, но нагласија дека им е потребна логистичка помош од федералната влада во Берлин за да го спроведат овој план.
„Нашата цел е да им обезбедиме на трауматизираните деца најдобра можна медицинска и психолошка помош“,
се наведува во заедничката изјава на градовите Хановер и Дизелдорф.
Во соопштението за медиумите и други градови се поканети да се приклучат на оваа акција со цел да се испрати силен хуманитарен сигнал.
Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да направи сè за да ја подобри хуманитарната ситуација во Појасот Газа.