Германска воена лабораторија го потврди тоа за што се сомневаше – главниот политички ривал на рускиот претседател Владимир Путин, Алексеј Навални е отруен од воен нервен агенс од групата „Новичок“.
Во оваа група отрови спаѓа и отровот со кој во 2018 година во Англија беше отруен поранешниот руски шпион Сергеј Скрипаљ.
„Со дозвола на Универзитетската болница ’Шарите‘, специјалната лабораторија на Бундесверот (Федералната армија) спроведе тестирање на примероците на Алексеј Навални. Така, присуството на воениот отров од групата ’Новичок‘ е несомнено утврдено“, пишува во соопштението на германската Влада.
Во него се наведува дека канцеларката Ангела Меркел, министерот за финансии Олаф Шолц, министерот за надворешни работи, Хајко Мас, министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер, министерката за правда Кристин Ламбрехт, министерката за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер и шефицата на кабинет на канцеларката Хелге Браун разговарале утрово и ги договорија следните чекори во врска со овој случај. Исто така, посочуваат дека за резултатите се информирани и семејството и лекарите на Навални.
„Г-ѓа Навални и лекарите се информирани за резултатите од тестовите, а рускиот амбасадор во Берлин ќе биде информиран за тоа. Тие, исто така, наведоа дека ќе ги информираат своите партнери во ЕУ и НАТО и ќе се договорат за дополнителни чекори со нив. Тие исто така ќе ја известат Организацијата за забрана на хемикалии (OVCW), како и сите фракции во Бундестагот“, се нагласува во соопштението.
Главниот противник на Путин на 20 август во авион кој леташе од Сибир за Москва падна во бессознание откако претходно испил чај на аеродром. Тој во саботата од сибирската болница во градот Омск беше пренесен во Германија на лекување.
Руските лекари кои се грижеле за Алексеј Навални, пак, тврдеа дека не биле пронајдени токсини во неговото тело за време на нивното тестирање, но портпаролот на Навални од првиот ден уверува дека е отруен.
Навални сè уште е во кома во болницата „Шарите“ во Берлин.