Експерт од Центарот за зависност при во Дизелдорф вели дека на растот на бројот на пушачи можел да влијае стресот предизвикан од пандемијата со ковид-19 и војната во Украина
Германија забележа висок скок на бројот на пушачи меѓу тинејџерите на возраст од 14 до 17 години, покажува истражувањето Дебра – Германско истражување за бројот на пушачи.
Според резултатите, над 15 отсто од младите во оваа возрасна група се пушачи. Ова значи скок од околу пет отсто во споредба со претходно. Претходните пет истражувања покажуваа дека бројот на пушачи кај лицата од 14 до 17 години не надминува 10 отсто.
Помал скок има кај младите на возраст од 18 до 24 години – од 36,1 на 40,8 отсто.
Ова го вклучи алармот кај здравствените власти во Германија каде министерот за здравство Карл Лаутербах рече дека податоците од истражувањето треба прво да се анализираат, но и дека уште сега даваат причина за „голема загриженост“.
Во изјава за „Шпигел Онлајн“ рече дека Германија во борбата против зависноста од цигари заостанува зад скандинавските земји, Холандија и Велика Британија.
„Кај нас цигарите сè уште се наоѓаат на видни места, а рекламирањето, на пример, е дозволено во кината. Мораме многу да направиме за да ги заштитиме децата и младите“,
вели Лаутербах.
Даниел Котц од Центарот за зависност при Универзитетот во Дизелдорф, пак, ја критикува здравствената политика на германските власти велејќи дека не се имплементираат во целост препораките од Светската здравствена организација за сузбивање на зависноста од пушење.
„Посебно е важно да се зголеми данокот за тутун до тоа ниво што за децата и младите ќе биде недостижен“,
вели Котц.
Во однос на растот на бројот на пушачи, пак, тој смета дека на тоа можел да влијае стресот предизвикан од пандемијата со ковид-19 и војната во Украина.