Во Германија од ноќеска, на полноќ, стапија на сила измените во Законот за заштита од инфекции, што на федералната влада предводена од Ангела Меркел ѝ овозможува автоматско воведување на построги мерки во борбата против ковид-19.
Амандманот со кој се направија законските измени добија зелено светло во Долниот и Горниот дом на парламентот, Бундестагот и Бундесратот, во средата и четвртокот, а првично остануваат сила до крајот на јуни.
Законските измени што придонесуваат за унифициран пристап низ целата земја беа воведени откако федералните и провинциските власти не можеа да се договорат за униформна примена на мерките за борба против ширењето на коронавирусот.
Измените вклучуваат мерки за намалување на контакти и стапување на сила на забрана за движење. На пример, во градовите и општините во кои има седумдневна инциденца повисока од 100 нови случаи со ковид-19 на 100 000 жители се воведува забрана за движење помеѓу 22 и 10 часот. Исклучок има за во случаи на трчање или пешачење за поединци кои тоа може да го прават до полноќ. Од полноќ до 5 часот наутро, пак, може да се движат само оние кои имаат итна потреба, како што е одење на работа или на лекар. На домаќинствата, пак, им се ограничуваат контактите со други односно едно домаќинство може да се сретне со само едно лице од друго домаќинство.
Трговците во малопродажба, продавниците за храна и за секојдневни потреби и аптеките ќе можат да примаат клиенти само со негативен тест за коронавирус и со претходно закажување.
Измените се однесуваат и на училиштата. Во градовите и општините каде во последните седум дена стапката на новозаразени е над 165 лица на 100 000 жители, веднаш се преминува кон онлајн настава.
Според Државниот епидемиолошки институт, Роберт Кох денеска оваа мерка се однесува на 345 од 412 области во Германија.