Најновата анкета, објавена денеска, покажува дека поддршката на гласачите за германските социјалдемократи (СПД) е на исто ниво со Зелените, и можно е популарниот кандидат на СПД за канцелар да раководи со трипартиска коалициска влада по изборите на 26 септември во Германија
Според анкетата на „Инса“ објавена во неделното издание на весникот „Билд“, поддршката за СПД е 18 проценти, што за првпат во годинашната изборна кампања покажува дека коалициската влада составена од три парти и предводена од левицата, може да освои мнозинство на изборите.

Имено, Зелените исто така имаат поддршка од 18 проценти, а Слободните демократи (ФДП) 12 проценти, покажува истражувањето, односно заедно, тие би имале поддршка од 48 проценти од гласачите и мнозинство за тнр. „семафор коалиција“, наречена по нивните бои (црвена-жолта-зелена).
Истражувањето, исто така, покажува дека поддршката за конзервативците предводена од канцеларката Ангела Меркел е 26 проценти. Десничарската АФД има 11 проценти поддршка, а левичарската Линке 7 проценти. Сите други партии имаат вкупно 8 проценти поддршка.

Меркел, која е на власт од 2005 година, најави повлекување по изборите. Армин Лашет, конзервативниот кандидат кој се очекува да ја наследи Меркел како канцелар, доживеа пад во поддршката откако беше снимен како се смее за време на неодамнешната посета на град погоден од силни поплави.
Истражувањето на „Инса“, исто така, покажува дека доколку канцеларот би се бирал директно, кандидатот на СПД, Олаф Шолц, би имал најголема поддршка, 27 проценти. Таа поддршка се зголеми за пет процентни поени во последната недела.
Поддршката за Лашет е 14 проценти, што е за еден процентен поен повеќе од кандидатката на Зелените Аналена Баербок, која ја поддржуваат 13 проценти од испитаниците.