Германија сака постепено да ги отвори своите граници со некои соседни земји, додека другите држави од Европската унија се уште се внимателни за тоа прашање
Германија прва од земјите во ЕУ најавува дека ќе ги отвори своите граници кон своите соседи. Услов за целосно олеснување на мерките во прекуграничниот сообраќај е бројот на новозаразени во соседната земја или во соседниот регион да не бележи видливо зголемување.
Во упатството, германската Влада го наведува бројот на педесет новозаразени на 100 000 жители во последните седум дена. Ако има повеќе од нив, граничните контроли би можеле повторно да се воведат.
Од сабота (16 мај), Германија го олеснува прекуграничното движење со Франција, Австрија и Швајцарија, а контроли ќе има само по случаен избор. Контролите се укинуваат на граничните премини со Луксембург, додека преговорите со данската Влада се уште се во тек.
Министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер изјави дека целта на германската влада е повторно воспоставување слободен патнички сообраќај од средината на јуни.
Со оглед на тоа што сојузните германски покраини издаваат регулативи во врска со карантинот, Зехофер им предлага да ги укинат за патниците од другите земји на ЕУ.
Полска кон средината на јуни, за Шпанија и Италија е неизвесно
Но, ублажувањето не е исто во сите земји.
Полска не планира да ги отвори своите граници пред 12 јуни. Се уште се водат разговори со Полска и Чешка за намалување на граничните контроли и регулативите за карантин. Уште на 4 мај, беше укинат задолжителниот карантин за Полјаците кои работат или студираат во Германија и во некои други земји. Сепак, ова не се однесува на медицинскиот персонал и негувателите кои се итно потребни во болниците и домовите за стари лица во Германија.

Од друга страна, мерките за оние кои доаѓаат од Шпанија и од Италија не се очекува да бидат релаксирани се уште, поради исклучително големиот број на зарази во тие земји. Шпанија дури ги заостри правилата – шпанската Влада воведе двонеделен карантин за сите луѓе кои влегуваат во земјата од 15 мај.