На владата на канцеларката Ангела Меркел добива овластување да наметне уште построги мерки за заштита од коронавирусот
Кристијан Линднер, шефот на либералите и кандидат на партијата за канцелар, рече дека „е противуставно вакцинираното лице да не може да излезе пред својата врата по 21 часот на вечерна прошетка“
Агенцијата за здравство на Институтот „Роберт Кох“ објави дека во последните 24 часа се регистрирани 18 742 нови случаи на заразени и 223 починати
Германија повторно може да се најде под строги рестриктивни мерки. Ова го овозможува амандманот на законот што вчера беше усвоен во германскиот парламент, со кој на владата на канцеларката Ангела Меркел добива овластување да наметне уште построги мерки за заштита од коронавирусот.

Амандманот во долниот дом беше усвоен со 342 гласа „за“ , 250 „против“ и 64 воздржани и доколку биде одобрен во двата дома на парламентот, ќе се применува до крајот на јуни.
Амандманот, кој крена многу прашина, овозможува строги мерки, вклучително и затворање на училишта и полициски час во текот на ноќта во региони каде стапката на инфекции е поголема од 100 нови заразени на 100 000 луѓе во последните седум дена.
Исто така, истиот закон ги менува критериумите за враќање на онлајн наставата. Досега, принципот беше да се премине на настава преку Интернет во оние региони каде што стапката на инфекција е поголема од 200 случаи на ден на 100 000 луѓе во последните седум дена, а со новиот амандман потребни се 165 нови случаи на 100 000 жители во период од седум дена. Со оглед на тоа што само една држава беше под 100 заразени во вторникот, според горенаведените критериуми, јасно е дека новиот пакет строги мерки речиси сигурно наскоро ќе се примени.
Сепак, не сите се согласуваат со вакците мерки. За време на дебатата во Долниот дом за контроверзниот амандман, се слушнаа многу гласови против, особено во однос на полицискиот час, кој, според предлогот, треба да започнува во 22 часот, наместо како порано во 21 часот.

За време на жестока дебата во парламентот, Кристијан Линднер, шефот на либералите и кандидат на партијата за канцелар, рече дека „е противуставно вакцинираното лице да не може да излезе пред својата врата по 21 часот на вечерна прошетка“.
„Третиот бран на пандемија цврсто ја зафати нашата земја. Лекарите за интензивна нега повикуваат на помош. Кои сме ние ако ги игнорираме нивните повици?“,
рече Меркел, бранејќи го планот за построги мерки во парламентот.
Околу 2 200 полицајци вчера беа распоредени во Берлин за да се справат со протестите против новите мерки.
Околу 150 лица се приведени откако ги нападнаа полицајците или не ги почитуваа правилата за одржување дистанца. Полицијата употреби пепер – спреј против демонстрантите кои фрлаа шишиња и се обидоа да ги урнат поставените метални барикади.
„Мир, слобода, без диктатура!“, скандираа некои од нив, многумина вееја германски знамиња и носеа транспаренти со пораки дека карантинот ги поткопува вредностите запишани во Уставот.

Ограничувањата и мерките против коронавирусот во Германија досега беа договарани во консултации на Меркел и лидерите на 16 држави, а регионите се одговорни за нивното спроведување. Но, во многу случаи, регионалните лидери не успеаја да ги спроведат мерките договорени со Меркел. На пример, иако правилата бараа затворање на продавници (освен продавници за храна) кога стапката на заразени е поголема од 100, во многу региони тие и натаму беа отворени.
Агенцијата за здравство на Институтот „Роберт Кох“ објави дека во последните 24 часа се регистрирани 18 742 нови случаи на заразени и 223 починати.