Во оваа група мерки кои би важеле од 1 октомври 2022 година до 7 април 2023 година, е носење FFP2-маски во воздушниот сообраќај, во брзите возови, односно задолжително тестирање пред влез во болници и слични установи, освен ако некој не бил вакциниран или прележал пред повеќе од три месеци
Германската влада воведува нови мерки и нови правила во борбата против коронавирусот. Целта е подобра заштита од нов бран на инфекции во есенските месеци. Се најавуваат и четири нови вакцини на пазарот.
Министерот за правда Марко Бушман (ФДП) и министерот за здравство Карл Лаутербах (СПД) ги презентираа плановите на Владата за промена на законот за заштита од инфекции. Ова се правила за поуспешна борба против коронавирусот во претстојните есенски и зимски месеци, пишува Дојче веле.
Мерки од 1 октомври 2022 до 7 април 2023 година
Планот предвидува постепено воведување мерки во зависност од состојбата во државата. Под името „зимски гуми“, се наведени мерките што ќе важат од 1 октомври годинава до 7 април 2023 година, без разлика на инциденцата. Во таа група мерки, е носење FFP2-маски во воздушниот сообраќај, во брзите возови, односно задолжително тестирање пред влез во болници и слични установи, освен ако некој не бил вакциниран или прележал пред повеќе од три месеци.
Во случај на влошување на ситуацијата, стапуваат на сила нови мерки, Германија предвидува тнр. „зимски синџири“. Тоа значи дека сојузните провинции можат да воведат обврска за носење FFP2-маски во јавните институции, односно во ресторани, културни институции или каде што луѓето се собираат за време на слободното време. Предуслов за воведување на овие мерки е одлука од надлежниот парламент.
Новите правила би можеле да бидат усвоени од Бундестагот на почетокот на септември. Бундесратот, пак, (Горниот дом) би гласал за нив на 16 септември, така што новите правила би стапиле во сила пред истекот на сегашните. Засега не е јасно дали покраините ќе го поддржат владиниот концепт. Од сојузната влада засега може да се слушне дека нема забелешки за планираниот пакет мерки.
Нема затворања на училишта
Целта на федералната влада е земјата да ја преброди следната пандемиска зима без нов карантин и забрана за излегување на граѓаните на улица.
„Наместо тоа, ние се фокусираме на мерки кои се ефективни и во исто време прифатливи. Повеќе не сметаме дека затворањето на училиштата е соодветен потег“,
вели Бушман.
Лаутербах додаде дека во текот на зимата се очекува „релативно тешка состојба“ поради многу заразната варијанта на коронавирусот.
„Се чини речиси сигурно дека ќе се соочиме со една омикронска мутација за време на есента. Ќе имаме многу случаи, но нема да имаат такви смртоносни исходи како со делта-варијантата“,
нагласи министерот за здравство.
Нови вакцини и „паксловид“
Лаутербах рече дека наскоро очекува четири нови вакцини кои најрано на 9 септември би можеле да добијат „зелено светло“ од надлежните институции. Новите вакцини би биле поефикасни за заштита на граѓаните од инфекции, а не само за спречување на потешки форми на болеста. А тука е и „паксловид“, лек кој значително ја намалува стапката на смртност од коронавирус.
„Генерално, сега сме во многу подобра ситуација отколку минатата есен“,
вели Лаутербах.
Позитивна реакција
Зелените тврдат дека тоа е компромис, кој е основа за добра подготовка за есен и зима.
Постапката која предвидува постепено воведување мерки обезбедува правна сигурност, а на покраините им нуди можност соодветно да реагираат на развојот на ситуацијата. Освен тоа, ги зема предвид и основните слободи, коментираат Марија Клајн-Шмајнк и Константин фон Ноц во име на парламентарната група на Партијата на зелените во Бундестагот.
Првата позитивна реакција на владините мерки доаѓа од стопанството. Трговијата и хотелиерството повеќе нема да бидат засегнати со паушални и остри мерки, соопштуваат од Здружението ЗИА кое обединува компании од областа на бизнисот со недвижности.
„Тоа ќе заштеди десетици илјади работни места и безброј компании во Германија“,
се додава во соопштението.