Испраќањето на бродовите го најави германскиот сојузен министер за одбрана Борис Писториус. Чекорот доаѓа во период на засилени тензии меѓу Кина и Тајван, како и отворените кинески територијални амбиции во Јужнокинеското Море
Германија ќе испрати два воени брода во Индопацификот во 2024 година, најави германскиот министер за одбрана Борис Писториус. Ваквата одлука тој ја соопшти на најважната безбедносна конференција во Азија, Шангри-ла дијалогот во Сингапур.

Според Писториус, земјите мора да се заземат за меѓународниот поредок заснован на правила и заштита на главните поморски патишта.
„До сега, германската федерална влада има испратено фригата во Индо-Пацификот во 2021 година и ќе испрати повторно, во 2024 година, фригата и брод за снабдување“,
изјавил Писториус.
Според Писториус, распоредувањето на германски воени бродови во Индопацификот не се непријателски чин кон ниту една држава, забелешка која се чини наменета за Кина.
„Токму спротивно: Тие (распоредувањето на бродовите н.з.) се посветени на заштита на меѓународниот поредок заснован на правила на кои сите се имаме потпишано и кои сите треба да го користиме – независно дали е тоа Медитеранот, или Бенгласкиот залив или Јужнокинеското море“,
изјавил германскиот министер за одбрана Писториус.
И покрај ваквите изјави, одлуката на Берлин да го засили присуството во Јужнокинеското Море доаѓа во период на зголемени тензии меѓу Кина и Тајван, но и се погласните негодувања на обидите на Пекинг да ја прецрта поморската граница во Јужнокинеското море со изградба на вештачки острови. Така, зголеменото присуство се толкува и како предзвик за економските и безбедносните односи меѓу Кина и Германија.
Кога во 2021 година германски воен брод пристигна во Јужнокинеското море, тоа беше прв таков маневар по речиси 20 години. Со тоа, Берлин се приклучи на другите земјите од Западот во зголемување на нивното присуство во регионот во очи засилените кинески територијални амбиции.
Кина, во моментов, полага права на речиси целото Јужнокинеско Море и покрај пресудата на меѓународен трибунал дека Пекинг нема правни основи за такво нешто и дека гради воени бази на вештачки острови во води кои содржат гас или пак се богати со риба.
Околу 40% од европската надворешна трговија се одвива низ Јужнокинеското Море.