Германскиот министер за Европа, Михаел Рот, ја отфрли иницијативата на премиерите на шест земји членки на ЕУ, упатена до Европската комисија, во која тие изразија загриженост за начинот на распределбата на вакцините против ковид-19 и бараа да се смени актуелниот модел.
„Постапката беше фер и транспарентна и секому според бројот на жители му беше определуван контингентот вакцини одобрени од ЕУ. Австрија и некои други држави своите контингенти не ги искористија до крај, од причини кои не сакам јас да гi оценувам. Не гледаме потреба од создавање внатрешен конфликт во ЕУ околу тоа“,
изјави денеска Рот.
Зад иницијативата застанаа премиерите на Австрија, Бугарија, Словенија, Чешка, Летонија и на Хрватска. Тие испратија писмо до претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Во писмото тие реагираат на распределбата на вакцините.
„Ако вака продолжи, до летото ќе се продлабочи нееднаквоста меѓу државите членки бидејќи некои од нив ќе достигнат колективен имунитет за неколку недели, додека другите ќе заостануваат. Нашиот став е дека тоа би било спротивно не само на нашиот договор туку и на самиот дух на европската солидарност“,
се пожалија шефовите на владите на овие европски земји.
Тие укажуваат дека и покрај договорот и заклучоците од последната видеоконференциска средба одржана пред два, испораката на дози од страна на фармацевтските компании не се одвива рамномерно и истовремено, врз основа на договорениот принцип.
„Токму затоа, господине Мишел, што е можно побргу Ве повикуваме на разговор за ова важно прашање“,
се вели во писмото потпишано од австрискиот канцелар Курц, бугарскиот премиер Борисов, хрватскиот Пленковиќ, како и од премиерите на Летонија, Каринш, на Словенија, Јанша и на Чешка, Бабиш.