Истрагата за вооружениот напад во германскиот град Ханау се фокусира на тоа дали напаѓачот имал соработници во Германија и надвор, изјави германскиот федерален обвинител, Питер Франк.
Според него материјалот што осомничениот Тобијас Р. го објавил на Интернет, покажал „екстремно расистички начин на размислување“ и влијание на теории на заговор.

„Расизмот е отров. Омразата е отров и овој отров постои во нашето општество и веќе е причина за многу злосторства“, изјави во Берлин германската канцеларка Ангела Меркел.
Осомничениот Тобијас Р. вчеравечер околу 22 часот во два бара во Ханау уби девет лица. Подоцна тој и неговата 72-годишна мајка се пронајдени мртви во неговиот стан. До неговото тело било пронајдено оружјето.

Полицијата објави дека случајот се третира како тероризам поради радикално десничарските ставови на напаѓачот во неговата проштална порака.
Медиумите објавија дека најголем број од жртвите биле со странско потекло и странци – најмногу со курдско потекло, а меѓу загинатите има и и Босанец и Бугарин.
Турција соопшти дека најмалку петмина од загинатите биле турски државјани. Претседателот Реџеп Таип Ердоган изјави дека очекува Германија да ги истражи сите аспекти на нападот.

Во Ханау и во неколку други германски градови попладнево се одржаа собири за оддавање почит на жртвите.