Германија традиционално е еден од најголемите извозници на оружје во Израел и еден од неговите најблиски сојузници
Германскиот канцелар Фридрих Мерц објави дека неговата влада ќе го запре целиот извоз на оружје и воена опрема во Израел што би можела да се користи во Појасот Газа, како одговор на планот на Израел да го заземе градот Газа и, следствено, целата енклава.

„Германија нема да одобри извоз на воена опрема во Израел доколку постои можност таа да се користи во Газа“,
рече Мерц во соопштението веднаш по објавувањето на израелските планови.
Тој нагласи дека е сè потешко да се разбере како воената стратегија на Израел може да придонесе за постигнување на легитимни цели.
„Во овие околности, германската влада нема да одобри извоз на воена опрема што би можела да се користи во Појасот Газа“,
додаде канцеларот.
Германија традиционално е еден од најголемите извозници на оружје во Израел и еден од неговите најблиски сојузници. Според податоците од Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ), во периодот од 2020 до 2024 година, САД беа најголемиот снабдувач на воена опрема за Израел, додека Германија беше втора на таа листа.
Сепак, и покрај поддршката, во последните месеци, новиот канцелар Мерц даваше сè порезервирани изјави во светлината на катастрофалната ситуација во Газа предизвикана од Израел, па затоа оваа одлука не е толку неочекувана.
Пред една недела, Словенија соопшти дека воведува ембарго за извоз, увоз и транзит на оружје во Израел.
Мерката ја објави премиерот Роберт Голоб по состанокот на словенечката влада. Голоб рече дека Словенија е првата европска земја што презела таков чекор.