„Истата ситуација беше и во 2021 г., каде што јас имав околу 8 600 гласови во првиот круг, за во вториот круг да имаме околу 11 800“, вели претендентот за втор мандат во Центар, Горан Герасимовски од СДСМ

Во очи на вториот круг од локалните избори, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, вели дека очекува да биде резибран на функцијата. Очекувањето го темели на тоа што слични резултати од гласањето имало и на претходните локални избори во 2021 г., кога на крај жителите на Центар во мнозинство му ја дадоа поддршка.
За градоначалничката позиција во Центар, Герасимовски се трка со кандидатот на ЗНАМ, поддржан и од ВМРО-ДПМНЕ, Мирослав Лабудовиќ, откако Билјана Ивановска – кандидатка на граѓанско-политичката платформа „Независни заедно“ и Марија Среброва од Левица, не се пласираа во вториот круг.
360°: Вие имате околу 8 500 гласа. Вашиот главен ривал Мирослав Лабудовиќ има околу 5 700 по првиот круг. Листата на СДСМ во Центар има околу 6 100 гласа, што значи дека вие имате 2 400 гласа над таа бројка. Кој друг, освен поддржувачите на СДСМ, гласал за вас?
Герасимовски: Имаме доста истражувања кои ги направивме и пред изборите, но и после првиот круг, каде што се покажува дека и неопределените и оние што гласале во првиот круг за другите кандидати, поголем дел поддршката ќе ни ја дадат токму нам. Тоа го знаат и противкандидатите и затоа се малку испаничени и не знаат што прават во моментов и затоа прават многу грешки. А јас верувам дека граѓаните ги препознаа сите добри мерки коишто заедно ги водевме.
Важно за исходот од вториот круг е на чие конто ќе завршат гласовите на кандидатките Ивановска (4 465) и Среброва (2 121). Герасимовски не се согласува со тврдењето на Лабудовиќ дека тоа се гласови за промена во Центар.
Герасимовски: Не е така и не се согласувам целосно. Луѓе коишто работат истражувања знаат како е, како се прелеваат гласовите на граѓаните. Истата ситуација беше и во 2021 г., каде што јас имав околу 8 600 гласови во првиот круг, за во вториот круг да имаме околу 11 800. Анкетите го покажуваат истото и сега, дека поголем дел од гласачите, а тоа го знае и противкандидатот и затоа се и нервозни, па во моментов водат црни кампањи и притисоци врз одредени жители, обично се прелеваат кон победникот. И пак ќе повторам, зошто? Поради тоа што покажавме како се води општина многу поразлично од сите останати.
360°: Кон победникот на локално или кон победникот на централно ниво?! Оти некои велат дека бранот на победа на централно ниво на ВМРО-ДПМНЕ, а Лабудовиќ е формално поддржан и од ВМРО-ДПМНЕ, може да има ефекти во вториот круг, дури и во општините во коишто водат кандидати од други политички структури.
Горан Герасимовски: Партијата од којашто потекнува противкандидатот освои 8, 8,4%. Која е таа поддршка која би ја добил, па тој да добие над, не знам, 51%? Граѓаните знаат, граѓаните веруваат во тоа што го правиме и не веруваат на манипулации и лаги коишто ги демантираме со документација изминатите три до четири недели.
