Кандидатот на СДСМ за градоначалник вели дека Општина Центар, со која раководи, плаќа дополнителни средства за хигиена бидејќи не ги добива услугите од Град Скопје

Состојбата со хигиената е првата тема на којашто треба да се разговара со новиот градоначалник на Град Скопје, вели актуелниот градоначалник на Центар и кандидат за реизбор од редовите на СДСМ, Горан Герасимовски, прашан што најитно и е потребно на општината. Во интервју за „360 степени на МРТ 1, тој рече дека неговата општина плаќа дополнителни средства за чистење затоа што не ги добива услугите од Град Скопје.
„Иако е ингеренција на градот за којашто граѓаните на месечно ниво плаќаат комунална такса кон Водовод и комуналното претпријатие, не ја добиваат услугата. И ние како општина трошиме дополнителни граѓански средства за нашите хигиеничари да работат двосменски, за сѐ она што се отстранува од улиците даа плаќаме дополнителни финансиски средства кон Дрисла и сметам дека хигиената е прво нешто за коешто треба да се разговара со новиот градоначалник на Скопје и новите градоначалници на скопските општини“,
рече Герасимовски.
Како член на Управниот одбор на ЗЕЛС пред две години побарал ингеренциите за чистотата да ги преземат општините поединечно, односно да се трансформира комуналното претпријатие и финансиите што жителите ги плаќаат, да влегуваат во општинската каса.
На обвинувањата од противкандидатот во вториот круг Мирослав Лабудовиќ дека градоначалникот на Центар на четири дена пред гласање ставил ракавици за да чисти, Герасимовски одговара дека во неговата програма јасно стои што направил и што мисли да прави.

„Тука има и програми, и отчети и сѐ што сме сработиле заедно со граѓаните. И тоа е доказ дека изминатите четири години сме се грижеле за сѐ, вклучувајќи го и проблемот со хигиената. Граѓаните знаат, граѓаните гледаат и ги гледаат и механизацијата и нашите вработени постојано на терен. А, за човек којшто е заменик-министер година и пол и којшто да ги прашате граѓаните на анкета дали го познаваат и кај работи, ја мислам дека 1% само ќе добиете позитивно мислење“,
коментира Герасимовски.
На новинарската забелешка дека не е работа на градоначалниците да го собираат сметот, туку да организираат функционален систем, Герасимовски одговара:
„Делумно се согласувам. Ние треба да бидеме пример како треба да постапува еден домаќин на општината. Ние не сме менаџери, ние сме домаќини на општината и треба домаќински да ја водиме, исто како еден дом. И така функционираме и така ќе продолжиме. И затоа се добрите примери, почнувајќи од велосипедот, продолжувајќи со моето присуство со хигиеничарите“.
Вели дека лично е терен и при пожари и при други интервенции.
