Тој најави низа проекти, како нова административна зграда каде што граѓаните ќе имаат свој простор и содржина, а за еден месец отсега центарци, како што најави Герасимовски, ќе ја добијат и новата сала „Работнички“, која не е реконструирана 50 години. Герасимовски најави и нов дом за стари лица, како и зголемување на еднократната парична помош на пензионерите со ниски примања од 2 500 на 5 000 денари
Овие локални избори се борба за достоинство, за работливите, за чесните, за сите граѓани кои го сакаат Центар, порача на синоќешната средба со граѓани, кандидатот за градоначалник на Центар од редовите на СДСМ, Горан Герасимовски.

„Ова е борба за прогресивното, за културното, за почитување на традиционалното, за уважување на човекот, на вистински начин. Решив да се кандидирам затоа што имаме резултати, затоа што е потребно да продолжиме заедно, за да Центар биде уште подобро место за живеење. Во Центар ја направивме самостојно најдобрата градинка. Во Центар ги имаме најсовремените реновирани училишта. Во Центар обновивме преку 24 улици. Подигнавме нови паркови, направивме нови детски игралишта. Центар е место на културата, на муралите, на новата и вистинска градска култура. Центар што го сакаме е чист, безбеден, зелен и хуман. Во Центар на прво место е граѓанинот и неговите потреби и барања“,
рече Герасимовски на отворањето на вториот промотивен штаб спроти Градежниот факултет.
Тој најави низа проекти како нова административна зграда каде што граѓаните ќе имаат свој простор и содржина, а за еден месец отсега центарци, како што најави Герасимовски, ќе ја добијат и новата сала „Работнички“, која не е реконструирана 50 години. Герасимовски најави и нов дом за стари лица, како и зголемување на еднократната парична помош на пензионерите со ниски примања од 2 500 на 5 000 денари.
„Ние сме тие кои мора да продолжиме да го менуваме Центар и да ги шириме вистинските вредности и принципи. Ајде да продолжиме да работиме за Центар, ајде да победиме за Центар, ајде да бидеме центарот на Македонија. Од срце ве повикувам на целосна мобилизација. Ве повикувам на заедничка работа, со добра мисла и со моќен настап и тим. Ве повикувам да бидеме дел во заедничкиот успех. Од заедничката победа за Центар што го сакаме!“,
нагласи Герасимовски.