„Доколку оваа иницијатива биде прифатена, очекувам широка дебата за носење квалитетни измени во законите и барам поддршка од сите колеги градоначалници и функционери. Зад ова решение треба да застанеме заедно и заедно да се бориме против дивоградбите“, кажал Герасимовски по состанокот на ЗЕЛС
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на денешната седница на ЗЕЛС доставил иницијатива за изнаоѓање на законско решение за конфискација на дивоградбите и нивна реупотреба.
„Во ЗЕЛС ја доставив Иницијативата за конфискација на бесправно изградени објекти, на која интензивно работевме интензивниот период. Целта на оваа иницијатива е да најде и произведе решение и даде можност за конфискација на бесправно изградените објекти и нивна пренамена во функција на општината. Преку оваа Иницијатива сакаме да интервенираме во две законски решенија – Законот за постапување со бесправно изградени објекти и Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривичната и прекршочна постапка. Ако оваа Иницијатива стане реалност, општините по конфискацијата ќе ги користат објектите за потребите на своите граѓани“,
кажал Герасимовски.

Во иницијативата се образложува дека е потребно во постојниот закон да се вметнат одредби каде што при утврдување дека објектот, кој е предмет на постапката за легализација, отстапува од правилата предвидени во конкретниот закон, треба да се упати на постапка за реупотреба. Според предлогот, објектот што е изграден надвор од законски предвидениот рок за легализација (после 2011 година), треба да се одбие со акт, но и да се упати на постапка за конфискација согласно Закон за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривичната и прекршочна постапка.
Со иницијативата се предлагаат и измени во Законот за управување со конфискуван имот. Според предлогот, најпрво треба да се интервенира во основните одредби за да може да се вклучи и управната постапка, која произлегува од Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Преку измени и дополнувања на овој закон, неопходно е да ѝ се даде можност на општината да биде должна да ја докаже оправданоста од чинот на конфискување и тоа исклучиво поради: природата на објектот, докажани отстапувања од урбанистичко-планските документации при изградбата, немање одобрение за градење, отстапување од одобрение за градење и исцрпување на сите правни лекови и постапка преку кои недвосмислено е докажано дека објектот е изграден надвор од одобрението за градење и она што Законот за градење го наложува, се вели во Иницијативата.

„Доколку оваа иницијатива биде прифатена, очекувам широка дебата за носење на квалитетни измени во законите и барам поддршка од сите колеги градоначалници и функционери. Зад ова решение треба да застанеме заедно и заедно да се бориме против дивоградбите. Оваа иницијатива верувам ќе отвори дебата во јавноста и многу прашања и дилеми кои внимателно треба да се следат и адресираат во изработката на евентуалните измени во законите“,
истакнал Герасимовски по состанокот во ЗЕЛС.
Општина Центар, како и многу други општини е „расадник“ на дивоградби. „360 степени“ во март објави дека на Водно на диво никнуваат два нови идентични објекта. Општински инспектори им ставиле жолти ленти, но сопствениците ги отстраниле и продолжиле со градењето.
Друг скандалозен случај е со легендарната дивоградба на Пластичарска. За таму Општината во неколку наврати договара уривање, но полицијата откажува асистенција во последен момент.
Уште тогаш Герасимовски кажа дека е дојдено време наместо за уривање, да се размислува и за опцијата – конфискување и најави дека таква иницијатива ќе поднесе до ЗЕЛС.