Уредите, вели тој, ќе бидат поставени на ударните локации каде што граѓаните најмногу се жалат на бучава во ноќните часови

Општина Центар ќе почне со поставување уреди за мерење на бучава. Градоначалникот Горан Герасимовски информира дека постапката за набавка на уредите е завршена и нивното поставување треба да почне веднаш.
На вчерашниот состанок со раководителите на сектори, Герасимовски истакна дека уредите се приоритет и дека треба да се инсталираат што поскоро.
„Предлагам истите да почнат што поскоро да се поставуваат. Ако можеме, уште од оваа недела да се поставуваат на 30 локации“,
изјави Герасимовски.
Одлуката каде точно ќе бидат поставени мерните станици ќе зависи од потребите на жителите на Центар, а локациите ќе се одредуваат според бројот на пријави и поплаки.
Уредите, вели тој, ќе бидат поставени на ударните локации каде граѓаните најмногу се жалат на бучава во ноќните часови.
Во рамките на состанокот, градоначалникот најави и дека во ноември ќе се одржат буџетските форуми, каде што граѓаните се добредојдени да дадат предлози за новата програма и буџет.
Покрај ова, Герасимовски информира и за други активности, како хортикултурно и партерно уредување на плочникот кај Зелен пазар, но и за тоа дека Општината нема да го чека Градот Скопје и сама ќе преземе мерки за одржување на хигиената, со секојдневна работа на хигиеничарите.
