Во однос на сметот во Скопје, Герасимовски изјави дека општината испратила допис до ЗЕЛС за свикување итна седница за да се најде решение за катастрофалниот проблем со кој се соочуваат центарци, но и сите жители на Град Скопје

Актуелниот градоначалник на Општина Центар и кандидат за втор мандат Горан Герасимовски во изјава за МРТ изрази уверување дека центарци и во вториот круг ќе го одберат концептот „За Центар што го сакаме“.
„Се надевам дека сите оние што веруваат во нашиот концепт дека и во вториот круг ќе го дадат својот глас за заедно да ја водиме општината и во наредните четири години. Покажавме различност, немавме мнозинство во советот. Претседател на советот беше од друга политичка партија. Но, и сега имаме интересен состав на советнички групи од повеќе политички партии и верувам дека ќе го прифатат истиот концепт којшто го имавме изминатите години. Продолжуваме да работиме во интерес на граѓаните. Политиката ќе биде целосно тргната настрана во Општина Центар“,
рече Герасимовски.
Тој нагласи дека има програма којашто е пишувана заедно со граѓаните, за разлика од некои противкандидати кои, како што рече, ги имаат копирано проектите од неговата програма.
„Ние самите проекти ги пишуваме со граѓаните четири години наназад. Нашите буџетски форуми кои ги предлагаме ќе ги направиме во текот на следната недела. Ги слушаме граѓаните. Верувам дека граѓаните ќе го препознаат концептот, во првиот круг го препознаа, верувам дека и во вториот круг ќе го препознаат и ќе ни ја дадат целосната доверба. Ги повикувам сите оние жители, сите оние центарци коишто во првиот круг дадоа глас на одредени политички партии и независни кандидати да ни се приклучат за заедно да ја направиме општината поубаво место за живеење на сите“,
порача Герасимовски.
Во однос на сметот во Скопје, Герасимовски изјави дека општината испратила допис до ЗЕЛС за свикување итна седница за да се најде решение за катастрофалниот проблем со кој се соочуваат центарци, но и сите жители на Град Скопје.
„Дури ја повикувам и Владата да се вклучи во решение на овој огромен проблем со кој се соочуваат центарци. Нашите служби се на терен, во две смени. Имаме дополнителна механизација, но не може да се постигне поради тоа што јавното комунално претпријатие неколку дена не излегува на терен за да си ги заврши своите обврски и имаме преполни контејнери на територија на цела општина, на цел град, имаме кучиња скитници кои го разнесуваат ѓубрето. Нема да дозволиме да се шират зарази низ Општина Центар. Ќе направиме сѐ за проблемот да се санира што побрзо“,
истакна Герасимовски.