Градоначалникот на Центар вели дека секоја локална самоуправа во државата се бори со проблемот со дивоградбите, а единствена алатка што во моментов ја имаат на располагање е рушење на дивоградбите – но, тоа е скап процес и поради тоа не ги уриваат целосно објектите
Во гостување на Телевизија „Сител“, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, изјави дека неговата цел е да се најде решение за бесправно изградените објекти преку широка дискусија и дека го радува фактот што иницијативата за конфискација на дивоградби, која тој ја поднесе до ЗЕЛС, побудила голем интерес во јавноста.
Тој вели дека е потребно отворање јавна дебата со цел стручните лица да дадат свое мислење. Вели дека секоја локална самоуправа во државата се бори со проблемот со дивоградбите, а единствена алатка што во моментов ја имаат на располагање е рушење на дивоградбите – но, тоа е скап процес и поради тоа не ги уриваат целосно објектите затоа што тоа би чинело милиони денари, па останува грдата слика на полусрушени објекти во кои најчесто се сместуваат бездомници.
„За жал, имаме објекти на државно земјиште каде што имаме непознати сторители и средствата за нивно уривање нема од кого да ги наплатиме. Затоа, мојата цел е преку иницијативата и измени во членови во законите да ги заштитиме општинските средства и во иднина помалку да се размислува дали да се отпочне дивоградба“,
рече Герасимовски.
Градоначалникот на Центар вели дека во минатото право на конфискација имале градежните инспекции и затоа иницијативата треба сериозно да се разгледа. Конкретно, во неговата општина, вели дека има околу 10 бесправно изградени објекти за кои треба да се постапува.
„Дивоградбите кои ќе бидат конфискувани пред да се пренаменат во нешто ќе бидат испитувани од експерти. Ќе се испитува квалитетот на градба, статиката целиот објект. И, секако, морам да напоменам дека ќе се внимава каква пренамена би добил тој објект. Тоа зависи од средината и да не им пречи на граѓаните во околината“,
рече Герасимовски.
Поддршка за иницијативата Герасимовски доби од министерот за правда Кренар Лога пред кого ја претстави идејата, а в понеделник ќе се сретне и со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Поддршка Герасимовски доби и од градоначалниците на последната седница на ЗЕЛС пред кои ја претстави иницијативата за конфискација на дивоградби. Единствено против се огласи градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, како и архитектот и професор Мирослав Грчев.