Изминатите шест дена високо на Галичица гореше ниска трева, а веќе од синоќа е зафатен мал дел од шумата, долу на 1 600 метри надморска височина
Еден хеликоптер на воздухопловниот ВИНГ попладнево се вклучи во гаснењето на пожарот на планината „Галичица” кој е активен на непристапен потег. Како што информираше градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиевски, хеликоптерот кој го гаси огнот е на Армијата и најверојатно во текот на утрешниот ден ќе се интервенира со два хеликоптери.
„Синоќа се смени ветрот и се спушти подолу и денеска мораше да се интервенира со хеликоптер. Денеска со еден, утре најверојатно со два, а ќе има и интервенција со луѓе“,
изјави градоначалникот за МИА.
Изминатите шест дена високо на Галичица гореше ниска трева, а веќе од синоќа е зафатен мал дел од шумата, долу на 1 600 метри надморска височина.
Според најавите во текот на утрешниот ден ќе интервенираат и претставници на Центарот за управување со кризи, НП „Галичица“, Дирекција за заштита и спасување, Територијалната противпожарна единица од Охрид и Службата за спасување на планина од охридскиот Црвен крст.
Од Општина Охрид велат дека се разгледува можноста да бидат вклучени и доброволци, доколку е тоа потребно.
Пожарот првично започна на територијата на Албанија, а пред шест дена се прошири и на макеоднската страна.