Кандидатот на Левица вечерва рече и дека имаат дојави дека актуелниот градоначалник Петре Шилегов барал од вработени во градската администрација да донесат 10 потписи со лични карти за да може да останат на работа
Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, пак, рече дека очекуваат на овие избори да освојат повеќе од 60 советници во општинските совети на ниво на држава
Сите неопределени гласачи овојпат на изборите ќе им пресудат на двете големи политички партии. Се надевам дека во најголем број ќе излезат оние кои не гласале со години. Се надевам на оние кои едноставно им беше се преку глава и сите овие години овие две политички партии направија да се чувствуваат луѓето безнадежни, истакна кандидатот на Левица за градоначалник на Град Скопје, Петар Георгиевски – Камиказа, вечерва на централниот митинг во Скопје.
Тој апелира до граѓаните на 17 октомври да гласаат за личноста за која мислат дека ќе направи најдобро за градот.

„Јас сум работел повеќе години кампањи, ваква валкана кампања или, пак, можеби за мене бидејќи е прва, – сум работел кампањи но не сум работел како пратеник или како кандидат за градоначалник, досега не сум имал во моите 61 година. Имам работено на преку 25 кампањи. Најновото е дека денеска добивме неколку дојави дека Шилегов барал од сите вработени во градската администрација да донесат 10 потписа со лични карти за да може да останат понатаму на работа. Јас, еве гледам во камерите и ви кажувам – сите ќе останете на работа, да не се секирате и да гласате за кого сакате. Ако сакате гласајте за мене, ако гласајте за Шилегов, ако сакате гласајте за Бени Шаќири, ако сакате гласајте за Данела. За кого сакате гласајте. Гласајте за оној што ве носи срцето и за оној за кого мислите дека ќе направи најдобро за градот. Ние не се служиме со такви работи и едноставно граѓаните ќе одлучат на 17 октомври кому ќе го дадат гласот“,
рече Георгиевски, пренесе МИА.
Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, истакна дека тие како политичка партија поставиле нови стандарди во политиката, вовеле колорит од возрасти, од вредности, од манири, од карактери, различен степен на образование.
„Ние сме единствената партија која не става само доктори носители на листи, ние имаме доктори на науки – од студенти, од правници до музичари, од менаџери до чистачки, од економисти до спортисти, од земјоделци до таксисти, од учители до текстилни работнички. После ова, стереотипот на Левица е пробиен“,
рече Апасиев.
Тој истакна дека на овие избори очекуваат да освојат над 60 советници на државно ниво.
„Првпат учествуваме во околу 40-тина општини и немојте да мислите дека ова што го правиме е за џабе. Без оглед на тоа како ќе заврши ова, за после две години да освоиме 12 илјади гласови во Скопје и да влеземе во Парламентот. Значи, овие се само чекори во процесот. Што и да се случи, после секои избори, Левица излегува кадровски поекипирана, и кадровски зајакната. Така ќе биде и после овие избори, на кои очекуваме над 60 советници на ниво на држава. За да го спречиме грабежот, ќе имаме и наши набљудувачи на терен, така што ќе им биде многу потешко тоа да го направат“,
потенцира Апасиев.