Некои семејства уживаат во промените на рутините, па се случува мама или тато да ја преземаат улогата на наставник по дома, а други членови на семејството организираат маратони на игри со карти, монопол и слично, вели за Призма, професорката и психолог на скопскиот Филозофски факултет, Софија Георгиевска.
Таа советува како да се полесно да се поминат деновите во самоизолација, но и како да се надвладеат стравовите за егзистенцијалните прашања.
„Дури и за тие што имаат најсреќни и најстабилни бракови, социјалната изолација како мерка во борбата против ширењето на ковид-19 задава сериозни предизвици и промени во начинот на однесување и на живеење“,
смета професорката Георгиевска.
Но, тука, потенцира професорката, се поставува прашањето како карантинот и социјалната изолација влијаат врз проблематичните бракови, затоа што за некого помислата да се биде 24/7 со својот партнер изгледа како најлошата работа што може да му се случи.
„Меѓутоа, нивниот страв и огорченост нема никаква врска со ковид-19, туку со конфликтите во партнерските односи“,
додава професорката.
Според неа, тајната за секоја здрава врска е комуникацијата и оти тоа се однесува и во време на нормални околности, но и во време на коронавирус.
„Добро е да имаме на ум дека не е важно колку двојките комуницираат за време на социјална изолација од корона вирус, туку дека едноставно треба да се обидуваат да го сторат тоа. Еве, на пример, нека се обидат да се договорат кој ќе ги чува децата, кој ќе учи со нив математика, а кој македонски јазик. Барем да се обидат“,
вели Георгиевска.
Кога сме кај проблемите што ги предизвикува изолацијата, сега веројатно најтешко им е на луѓето кои и претходно се во проблематична врска, која вклучува семејно насилство, најпрво она физичкото, но не помалку проблематично е и она психичкото.
„За некој што е во насилна врска, социјалната изолација во време на корона е најлошото можно сценарио. Тоа претставува кошмар за жртвите од семејно насилство, првенствено поради фактот дека ќе бидат ‘заглавени’ со насилникот 24 часа“,
вели Георгиевска.