Истите ставови, според соопштението на бугарското МНР, на македонската амбасадорка во Софија, Агнеса Руси Поповска, ѝ ги изнела заменик-министерката за надворешни работи на Бугарија, Елена Шекерлетова, која на состанокот нагласила дека со резолуцијата на парламентот во Софија од 30 мај Бугарија уште еднаш покажала дека е доследна во својата поддршка за Република Северна Македонија и дека останува ангажирана во спроведувањето на договорите меѓу Европската Унија и Скопје
Муцунски во разговорот со својот бугарски колега ги повторил, се наведува во соопштението од македонското МНР, принципиелните позиции на нашата земја поврзани со процесот на евроинтеграција, кој, како што навел, не треба да биде обременет со билатерални прашања
Министер за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев, во телефонски разговор официјално го информирал својот македонски колега Тимчо Муцунски за резолуцијата што на 30 мај ја донесе бугарскиот парламент за напредокот на С Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија (ЕУ).

Во писменото соопштение, објавено на веб-страницата на бугарското Министерство за надворешни работи, се наведува дека во телефонскиот разговор шефот на бугарската дипломатија изјавил дека овој чин, односно одлуката на парламентот во Софија, уште еднаш ја потврдил непоколебливата позиција на Бугарија за категорична посветеност на европскиот консензус од јули 2022 година и упатува охрабрувачки повик до владата во Македонија да ги спроведе постигнатите договори.
Георгиев, како што се наведува, навел и дека оваа одлука е потврда дека Софија нема други услови надвор од елементите на европскиот консензус и додал дека тоа, исто така, е јасен сигнал за конструктивниот пристап на Бугарија.
Истите ставови, според соопштението на бугарското МНР, ги изнела и заменик-министерката за надворешни работи на Бугарија, Елена Шекерлетова, која на состанок официјално ѝ ја предала одлуката на Народното собрание од 30 мај на амбасадорката на Република Северна Македонија во Софија, Агнеса Руси Поповска, и ја запознала со нејзиниот целосен текст.
Шекерлетова на состанокот нагласила дека со ова се демонстрира широкиот договор што постои во Бугарија во врска со европскиот пат на земјите од Западен Балкан.
Бугарија со тоа, како што навела заменик-министерката за надворешни работи, уште еднаш покажала дека е доследна во својата поддршка за Република Северна Македонија и дека останува ангажирана во спроведувањето на договорите меѓу Европската Унија и Скопје.
„Во овој контекст, заменик-министерката Шекерлетова изрази надеж дека избалансираниот тон во текстот на одлуката и јасната гаранција дека нашата земја нема други услови освен збирот мерки договорени во европскиот консензус ќе бидат објективно препознаени и соопштени во јавноста од страна на политичкото раководство на Република Северна Македонија“,
се вели во соопштението на бугарското МНР.

Потврда за телефонскиот разговор меѓу шефовите на дипломатиите на двете земји попладнево стигна и од македонското Министерство за надворешни работи и за надворешна трговија, од каде, исто така, соопштуваат дека министерот Георгиев го информирал Муцунски за одлуката на бугарското Собрание, која се однесува на напредокот на Република Северна Македонија во процесот на пристапување во Европската Унија.
Муцунски, од своја страна, во разговорот ги повтори принципиелните позиции на нашата земја поврзани со процесот на евроинтеграција и ја нагласил подготвеноста на државата за натамошно унапредување на соработката со Бугарија во насока на градење поголема меѓусебна доверба, во интерес на граѓаните.
„За таа цел, подготвени сме да продолжиме со активен придонес во градењето доверба заснована на принципиелност и заемно почитување. Како соседи и НАТО-сојузници, двете земји имаат заедничка обврска, ориентирани кон иднината, да продолжат да развиваат односи засновани на европски принципи. Во таа насока, министерот Муцунски уште еднаш ја потенцираше нашата посветеност на европскиот пат, кој не треба да биде обременет со билатерални прашања. Владата посветено работи на реформската агенда и на исполнување на Копенхашките критериуми, кои треба да бидат единствен услов за членство на земјата во Европската Унија“,
се наведува во соопштението од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на С Македонија.

Бугарскиот парламент на 30 јуни усвои резолуција во врска со напредокот на Република Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија што едногласно беше поддржана со 194 гласа „за“.
Во резолуцијата, поднесена од пратеникот на Има таков народ (ИТН), Тошко Јорданов, и група пратеници, се наведува дека Бугарија останува целосно посветена на европскиот консензус од јули 2022 година и ги повикува властите во Република Северна Македонија строго да ги спроведуваат договорите што ги прифатија.
Во документот се истакнува дека европскиот консензус е договор меѓу земјата кандидат за членство во ЕУ, од една страна, и Унијата како целина, од друга страна, и затоа не претставува билатерално прашање. Меѓу другото, се истакнува дека европскиот консензус се заснова на заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година, Преговарачката рамка на Република Северна Македонија и заедничките протоколи меѓу Бугарија и Република Северна Македонија за спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, потпишан на 1 август 2017 година.
Резолуцијата дојде во пресрет на разгледувањето и гласањето на извештајот за напредокот на земјава во Европскиот парламент, што првично требаше да се одржи на 4 јуни, но беше одложено за 24 јуни.
Известувачот за С Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, во интервју за „360 степени“ емитувано на 29 мај 2025 година, рече дека нацрт-документот, таков како што е сега, има неколку референци за признавање на македонскиот јазик и македонскиот идентитет. На ова, како што кажа Вајц, отворено реагирале бугарските пратеници во Европскиот парламент.
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски вчера изјави дека доколку повторно се одложи гласањето за извештајот во Европскиот парламент, станува јасно оти не станува збор за внесување на неколкуте стотини граѓани со бугарска самосвест во Уставот, туку дека проблемот се посебниот македонски идентитет и јазик.
Мицкоски денеска изјави дека сè уште нема потврда за одржување средба меѓу македонска и бугарска делегација на маргините на претстојниот Самит на НАТО во Хаг, овој месец. Сепак, тој најави дека деновиве лично ќе стапи во контакт со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, со цел да се информира дали има одговор од бугарска страна за предложената средба.
„До овој момент таква потврда немам, но планирам деновиве лично да се слушнам со претседателот на Европскиот совет, Кошта, бидејќи тоа беше негова идеја, ние ја прифативме без резерва, за тоа дали има некаков одговор од другата страна“,
рече Мицкоски денеска во Владата, по свечената церемонија за доделување национални признанија за врвни достигнувања во спортот.
Мицкоски кон крајот на минатиот месец истакна дека на средбата во Скопје со високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, разговарале и за евентуалната билатерална средба со бугарската страна, нејзиниот формат, кој би можел да присуствува и каде би можела да се одржи. Претстојниот Самит на НАТО во Хаг тогаш беше посочен како добра можност за средбата, на која би присуствувале претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас, а составот беше проширен и со можноста за присуство на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

Премиерот денеска изрази жалење за начинот на кој, како што рече, „наш сојузник во НАТО се однесува кон свој сојузник“, коментирајќи ги последните пораки кои пристигнуваат од високи бугарски официјални претставници, меѓу кои и на претседателот Румен Радев и потпретседателката Илијана Јотова. Тие обвинија за притисок од македонска страна и порачаа будно да се следи што прави Скопје и што се случува во Европскиот парламент.
„Жалам што наш сојузник во НАТО се однесува вака кон свој сојузник во рамките на НАТО, но оставам на останатите членки сојузници да судат. Да се користи како политичко оружје членството во ЕУ или интеграцијата на земјата во рамките на ЕУ, за да се решаваат билатерални прашања од пред неколку векови навистина претставува несмасна дипломатија“,
рече Мицкоски.