Бугарскиот министер за надворешни работи на средбата со Муцунски истакнал дека ставот на Бугарија за европската интеграција на РСМ е јасен и конзистентен од 2022 година и чека целосно спроведување на договореното

Добрососедските односи се хоризонтален критериум во процесот на евроинтеграциите и без нив не е можно да се постигне членство во ЕУ. Тоа бара доверба, отворен дијалог, предвидливост и исполнување на обврските, му посочил шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев на македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на средбата во Минхен, соопшти бугарското МНР.
Бугарскиот прв дипломат на средбата истакнал дека ставот на Бугарија во однос на европската интеграција на Република Северна Македонија е јасен и конзистентен, односно дека европскиот компромис од 2022 година вклучува низа мерки кои чекаат на целосно спроведување, а тоа е единствениот пат кон напредок.
„Вклучувањето на Бугарите, рамноправно со другите народи, во Уставот на Република Северна Македонија е само првиот чекор, чија реализација ќе му овозможи на Скопје да ги започне преговорите за членство. Георгиев беше категоричен дека не е можно повторно преговарање или заобиколување на постигнатите договори зад кои стои цела ЕУ“,
соопшти бугарското МНР.
