Според министерот Георгиев, Бугарија ја сфаќа важноста на проширувањето на ЕУ и европската интеграција на земјите од Западен Балкан, но, како што потенцира тој, го потврдуваме и принципот на сопствени заслуги

Членството во Европската Унија не е дадено, туку се базира на специфични критериуми и услови кои секоја земја кандидат за членство мора да ги исполни, изјави денеска бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев, коментирајќи го вчерашното одложено гласањето за извештајот за Македонија во Комитетот за надворешни работи на ЕП.
Како што јавува БГНЕС, гласањето беше одложено по предлог на известувачот Томас Вајц.
Минатата недела бугарското собрание донесе резолуција според која Бугарија останува целосно ангажирана во европскиот консензус од јули 2022 година. Во одлуката, бугарските власти ја повикуваат Северна Македонија строго да ги почитува постигнатите договори.
Според министерот Георгиев, Бугарија ја сфаќа важноста на проширувањето на ЕУ и европската интеграција на земјите од Западен Балкан, но, како што потенцира тој, го потврдуваме и принципот на сопствени заслуги.
„Дадовме јасен сигнал дека Бугарија е конструктивна. Важно е да се напомене дека Бугарија нема и не може да има дополнителни услови и барања за пристапување на РСМ во ЕУ“,
истакна Георгиев.
Тома Биков од ГЕРБ-СДС изјави дека очекуваат Македонија да ги започне преговорите со ЕУ, но дури откако ќе видат дека, како што рече, антибугарските сили, кои се и антиевропски, ќе бидат ставени во позиција да не ја водат државата.