Според последните извештаи на Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја, повеќе од 3 000 севернокорејски војници се испратени во Русија, а повеќе од 12 000 се очекува да бидат распоредени до декември
Можам да потврдам дека севернокорејски трупи се испратени во Русија и се распоредени во регионот Курск на западната граница со Украина, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, пренесуваат светските агенции.

Неговата изјава доаѓа по извештаите што пристигаа изминатите недели, а кои сугерираа дека Северна Кореја испраќа војници во Русија како дополнителен знак за засилените врски меѓу Москва и Пјонгјанг, кои вклучуваа и снабдување на руската војска со севернокорејско оружје и муниција.
Говорејќи денеска во Брисел, генералниот секретар на НАТО ваквиот потег го оцени како значајна ескалација на руската инвазија на Украина, при што додаде дека тоа е и знак на очај кај рускиот претседател Владимир Путин кој досега изгубил голем број војници во војната со Украина.
„НАТО ги повикува Русија и Северна Кореја веднаш да престанат со овие акции“,
изјави Руте по заседанието на Северноатлантскиот совет на кое учествуваше и делегација на Јужна Кореја и на кое, како што нагласи, се расправало за „зголемената вмешаност на Северна Кореја во илегалната агресивна војна на Русија против Украина“.
Јужнокорејската делегација, во чиј состав биле и високи претставници од Националната разузнавачка служба и на Министерството за национална одбрана на земјата, на состанокот ги споделиле своите извештаи и разузнавачки проекции во врска со актуелната ситуација.
Според последните извештаи на Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја, повеќе од 3 000 севернокорејски војници се испратени во Русија, а повеќе од 12 000 се очекуваат да бидат распоредени до декември, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Меѓу персоналот што е испратен во Русија има и пилоти на борбени авиони, ловци, велат информациите на јужнокорејското разузнавање.
„Продлабочувањето на воената соработка меѓу Русија и Северна Кореја е закана и за индопацифичката и евроатлантската безбедност. Таа го поткопува мирот на Корејскиот Полуостров и ја поттикнува руската војна против Украина. Пјонгјанг веќе и достави на Русија милиони парчиња муниција и балистички ракети кои поттикнуваат голем конфликт во срцето на Европа и ги поткопуваат глобалниот мир и безбедност“,
рече Руте.
Според генералниот секретар на НАТО, рускиот претседател во замена за воената поддршка во луѓе и оружје на Северна Кореја и дава воена технологија и друга помош за заобиколување на меѓународните санкции.
„Ова ја покажува важноста демократиите да стојат заедно за да ги поддржуваат нашите вредности и да се соочат со нашите заеднички безбедносни предизвици. Распоредувањето на севернокорејските трупи во Курск е исто така знак за растечкиот очај на Путин. Сојузниците во НАТО ќе продолжат да ја поддржуваат слободна и демократска Украина, бидејќи безбедноста на Украина е наша безбедност. Денеска разговаравме за потребата од дополнително зајакнување на воената поддршка за Украина. Активно се консултираме во рамките на Алијансата, со Украина и со нашите индопацифички партнери за овие случувања и продолжуваме внимателно да ја следиме ситуацијата“,
изјави Руте информирајќи дека за денеска има закажано разговори со јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол и со украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров.