Северна Македонија гласаше „воздржано“ за резолуцијата на Украина поддржана од Европската Унија, а идентично се изјасни и во однос на резолуцијата на САД, чиј текст беше изменет на барање на дел од земјите членки на светската организација
Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) на третата годишнина од руско-украинската војна, ја усвои резолуција подготвена од Киев, а чии спозори беа земјите членки на Европската Унија (ЕУ) и со која повикува на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и се осудува руската агресија на земјата.

Од друга страна резулуцијата што ја поднесоа Соединетите Американски Држави (САД), а со која се повикува на ставање крај на војната, но без експлицитно да се спомене руската агресија, беше усвоена, но доби поддршка од помалку земји членки на светската организација, откако претходно предложениот текст беше изменет, по амандманите што ги поднесоа дел од земјите.
Украинската резолуција, поддржана од ЕУ беше усвоена со 93 гласа „за“, 18 „против“, а 65 земји беа „воздржани“.
Меѓу воздржаните, беше и Северна Македонија, која, пак, беше коспонзор на документот поднесе од Соединетите Амарикански Држави.
Според коментарите што ги објавуваат агенциите, условно кажано победата на европската наспроти резолуцијата на САД, е неуспех за администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во 193-членото светско тело, чии резолуции не се правно обврзувачки, но служат како мерило за светското јавно мислење.
САД и Русија гласаа против резолуцијата на ЕУ и Украина, а меѓу останатите 16 држави кои им се придружија беа Белорусија, Средноафриканската Република, Северна Кореја, Хаити, Унгарија, Мали, Маршаловите острови, Никарагва, Нигер, Буркина Фасо, Бурунди, Судан, Израел, Палау, Екваторијална Гвиена и Еритреја.
Гласањето „за“ европската резолуција, иако ја доби мнозинска поддршка, сепак покажува намалена поддршка за Укрина. На претходните гласања, изминатите три години руската агресија беше осудувана од над 140 земји, меѓу кои беа и САД.

Резолуцијата предложена од САД со која се повикува на „брз крај“ на конфликтот во Украина, без да се спомене територијалниот интегритет на Украина, не доби поддршка од членовите на Генералното собрание на ОН.
Собранието потоа го измени предложениот текст, а Вашингтон беше воздржан кога ревидираниот текст излезе на гласање.
Рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензија рече дека оригиналниот американски текст е „чекор во вистинската насока“ бидејќи односите меѓу Русија и САД се чини дека се затоплуваат под претседателот Доналд Трамп.
Франција поднесе низа амандмани на американскиот текст, посочувајќи му на Генералното собрание дека Париз, заедно со европските земји и Велика Британија, „нема да може да го поддржи во сегашната форма“.
Земјите кои ја поддржуваат Украина инсистираа американскиот предлог да се преформулира за да се каже дека „целосна инвазија на Украина“ е иницирана од Русија.
Текстот, исто така, ја потврди посветеноста на украинскиот „територијален интегритет“, што го немаше во американскиот текст.
Дополнетиот текст беше усвоен со 89 гласа „за“, осум „против“ и 70 воздржани. Меѓу воздржаните беа Северна Македонија, Албанија и Србија. Украина, исто така, беше воздржана, како и Унгарија, единствената земја членка на ЕУ.
Резолуциите на Генералното собрание на ОН не се обврзувачки, но се сметаат за индикатор на светското мислење.
Заменик-амбасадорката на САД, Дороти Шеј, рече дека повеќекратните претходни резолуции на ОН со кои се осудува Русија и се бара повлекување на руските трупи „не успеале да ја запрат војната“, која „сега се одолговлекува со премногу страшна цена за народот на Украина и Русија и пошироко“.
„Она што ни треба е резолуција што ја означува посветеноста на сите членки на ОН за трајно завршување на војната“, рече Шеј.