Гутереш ги обвини дека во услови на војна и последователна криза остваруваат „скандалозни“ профити на грбот на некои од најсиромашните луѓе во светот
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш остро ја осуди, како што ја нарече, „алчноста“ на големите нафтени и гасни компании, кои остваруваат „скандалозни“ профити на грбот на некои од најсиромашните луѓе во светот, објави „Еуроњуз“.
Гутереш рече дека кризата е предизвикана од руската инвазија на Украина и ги повика националните влади да го оданочат огромниот профит на компаниите.
„Вистината е дека сме сведоци на овие преголеми, срамни профити од нафтената и гасната индустрија во време кога сите губиме пари. Неморално е што компаниите за нафта и гас остваруваат рекордни профити од оваа енергетска криза на грбот на најсиромашните луѓе и заедници, што скапо не чини особено во однос на климата“,
рече Гутереш на прес-конференцијата по повод објавувањето на третиот извештај на ОН за глобалните последици од руската инвазија на Украина.
Затоа, ги повика сите влади да ги оданочат овие прекумерни профити и да ги користат овие средства за да им помогнат на најранливите во овие тешки времиња, додавајќи дека таквиот потег несомнено би бил „популарен“.
Гутереш процени дека во првиот квартал на 2022 година, големите нафтени и гасни компании ќе остварат профит од околу 100 милијарди долари. Со растот на цените на нафтата и гасот, компаниите „БП“, „ЕксонМобиле“, „Шеврон“, „Шел“ и „Тотал Енерџис“, исто така, забележаа огромен профит во вториот квартал.
„Оваа алчност ги казнува најсиромашните и најранливите додека го уништува нашиот единствен заеднички дом – планетата“,
рече Гутереш.
Од претходната проценка во јуни, „ефектите од кризата со куповната моќ се чувствуваат подлабоко и пошироко низ светот“,
се вели во извештајот.
Во него се наведува дека до крајот на 2022 година, како резултат на војната, 345 милиони луѓе во 82 земји може да бидат во ситуација на несигурност со храна, што е за 47 милиони повеќе од претходно.
„Многу земји во развој се длабоко во долгови, немаат пристап до финансии, се борат да се опорават од пандемијата со ковид-19 и можеби се на работ на преживување,
предупреди Гутереш, истакнувајќи ги „предупредувачките знаци на бранот економски, социјални и политички пресврти што нема да поштеди ниту една земја“.
Во овој контекст, извештајот, кој се фокусира на „големата енергетска криза“, ги повикува владите да ги идентификуваат најранливите групи на население и да им обезбедат „достапна“ енергија.
За да се надмине оваа криза без да се загрозат обврските за ограничување на глобалното затоплување, последниот извештај на ОН ги повикува владите да преземат мерки за намалување на побарувачката на енергија, вклучително и намалување на греењето и климатизацијата, намалување на воздушниот сообраќај, реновирање на зградите и забрзување на развојот на обновливите извори на енергија.