Синдикатот на Македонска пошта и Синдикалната организација на АД Пошта на Северна Македонија најавија дека барањето е за линеарно покачување на нето-платите во износ од 3 000 денари и дека штрајкот ќе трае се до негово исполнување
Согласно Законот за поштенски услуги, вработените имаат обврска да го почитуваат член 49 и да обезбедат прием, сортирање и дистрибуција на поштенски пратки кои се однесуваат на препорачани судски пратки, препорачани пратки од безбедноста и одбраната и одредени други препорачани пратки кои се наведени во законската регулатива
Од денеска вработените во националната пошта започнаа генерален штрајк. Како што најавија од Синдикатот на Македонска пошта и Синдикалната организација на АД Пошта на Северна Македонија, барањето е за линеарно покачување на нето-платите во износ од 3 000 денари.
Штрајкот ќе се одвива на работните места во главната пошта и низ подружниците низ државата.
Според синдикалните организации, работата на АД „Пошта на Северна Македонија“ ќе биде целосно во прекин освен за неопходните активности кои давателите на поштенски услуги мора да ги обезбедат непречено, согласно член 49 од Законот за поштенски услуги и Колективниот договор на ниво на работодавач, и ќе трае сè до прифаќање на барањата.
Согласно Законот за поштенски услуги, вработените имаат обврска да го почитуваат член 49 и да обезбедат прием, сортирање и дистрибуција на поштенски пратки кои се однесуваат на препорачани судски пратки, препорачани пратки од безбедноста и одбраната и одредени други препорачани пратки кои се наведени во законската регулатива.
Одлуката за стапување во генерален штрајк беше донесена на 31 минатиот месец, по, како што информираа, неуспешниот дијалог со Управниот одбор на Поштата и Владата и нереализирањето на барањето за повисоки плати.
