Синдикатите тврдат дека со новите правила работниците ќе бидат подложни на злоупотреби од страна на работодавачите и бараат повлекување на спорниот предлог-закон
На иницијатива на двата најголеми грчки синдикати, Грција денеска е во 24-часовен штрајк во знак на протест против владините планови за воведување нов закон за труд, според кој работниот ден би траел 13 часа. Штрајкот целосно ги запре транспортот и јавните услуги, вклучително и во училиштата, судовите, болниците и општините.

Сообраќајот е во речиси целосен прекин – возовите, фериботите и таксијата во главниот град не сообраќаат, додека автобусите, градското метро, трамваите и тролејбусите работат по изменет режим.
Протестни маршеви се одржуваат во Атина и во Солун, а демонстрации се закажани и во други градови.
Синдикатите што ги претставуваат државните службеници и работниците во приватниот сектор повикаа на штрајк во знак на протест против промените во законот за труд со кои би се вовела поголема флексибилност, вклучително и дозволување прекувремена работа што би можела да ги продолжи смените до 13 часа на ден.
Предлог-законот, кој сè уште не е доставен до парламентот, им овозможува на вработените да работат 13 часа на ден за истиот работодавач под исклучителни околности, за дополнителна плата. Работното време што вклучува прекувремена работа ќе биде ограничено на 48 часа неделно, со максимални дозволени 150 часа годишно.
Синдикатите тврдат дека со новите правила работниците ќе бидат подложни на злоупотреби од страна на работодавачите и поради тоа бараат повлекување на спорниот предлог-закон.