На новинарското прашање дали имало притисок да се укине ветото, таа рече дека навистина така се чувствувала на почетокот од нејзиниот мандат
Министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска, во интервју за бТВ вели дека постоеле наводни средби на премиерот Кирил Петков со европски дипломати на кои се зборувало за тоа на кој начин да се заобиколи ветото за Северна Македонија.
„Министерството за надворешни работи е совршена институција. По секоја средба има стенограми. Тие според содржината имаат различна класификација и по потреба може да се покажат“,
изјави Генчовска.
Вчера пак, Слави Трифонов, лидерот на партијата Има таков народ, од чија партија доаѓа и Генчовска, најави дека ќе ги повлече министрите од владата, а како една од причините за тоа ја наведе токму Северна Македонија.
Поради ова, бугарските медиуми пишуваат и дека Генчовска денеска ќе ја депонира својата оставка во Собранието.
Генчовска за бТВ вели дека не присуствувала на разговорите на Петков за прашањето за укинувањето на ветото кон С Македонија, а за тоа добила информации од европските дипломати.
„Во нашите разговори со претставници на европските институции нè информираа дека има и други сигнали од премиерот“,
рече Генчовска.
На новинарското прашање дали имало притисок да се укине ветото, таа рече дека навистина така се чувствувала на почетокот од нејзиниот мандат.
„Надворешната политика не треба да зависи од политичките партии“,
порача Генчовска.
Бугарскиот премиер Кирил Петков, пак, на денешната прес-конференција во Софија порача дека Бугарија има три јасни барања за да може да има каков било напредок на темата со С Македонија.
Петков истакна дека тие барања вклучуваат почитување на рамковната позиција на Бугарија усвоена во парламентот, вклучување на Бугарите во македонскиот Устав и спроведување на обврските од Договорот за добрососедство.