Антикорупциската комисија кон крајот на февруари ја доставила најавената иницијатива до Основното јавно обвинителство – Скопје за поведување постапка за кривично гонење на поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски. Тој е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување, односно дека дал дозвола за градба на веќе изграден објект, кој, патем, Општината сакала да го руши
ДКСК засега нема одговор од Обвинителството, а рокот во кој очекува повратна информација е 60 дена
Во Гази Баба нема дивоградби туку само обиди за нелегални градби, кои Општината ги контролира, изјави минатото лето ексградоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски, кога „360 степени“ ја истражуваше судбината на повеќе пријави за дивоградби на територијата на оваа скопска општина за кои локалната власт реагираше тромо.

Десет месеци потоа Георгиевски доби кривична пријава токму за постапување со дивоградба на територијата на Општината. Не за локациите за кои пишувавме, туку за друг, значително поголем објект. Предметот го туркаше Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) која на 28 февруари 2022 година поднела кривична пријава до ОЈО Скопје. Причината што ДКСК ја поднела пријавата, објаснуваат од институцијата, е што Георгиевски дал одобрение за градба на веќе изграден објект, кој токму Општина Гази Баба веќе го регистрирала како дивоградба и сакала да го руши. Станува збор за продажен салон за автомобили на компанијата „Електроелемент“ на улица „Перо Наков“ бр. 25. Парцелата е во сопственост на компанијата.
Хронологијата на настаните, според ДКСК, говори дека Општината две години се обидувала да ја сруши дивоградбата на „Електроелемент“, период во кој инвеститорот го почнал и го пуштил во употреба објектот.
„Електроелемент“ на 16 јуни 2020 година поднесува барање за одобрение за градење. Го добива на 30 август, а веќе на 1 октомври тоа станува правосилно.
Прво градба, па дозвола за градба
Антикорупциска во три наврати се обидела овие наоди да ги добие од претходното раководство на Општина Газа Баба, односно додека на нејзино чело беше Борис Георгиевски, инаку кадар од редовите на СДСМ. Но, немала успех. Дури откако се смени локалната власт, кон крајот на 2021 година, целокупната документација за предметот ја испратила администрацијата предводена од градоначалникот Бобан Стефкоски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ.

Пред три месеци, меѓу другото, Општината ги доставила и клучните документи за ДКСК – одобренијата за градба во прва и во втора фаза. Од нив, антикорупционерите утврдиле дека дозволите не биле обезбедени пред почетокот на градбата туку кога таа веќе била готова.
„Одобрението за градење за прва фаза е донесено на 17.2.2020 година, а одобрението за градење за втора фаза е донесено на 30.9.2020 година. Во медиумите на 28.6.2019 година е објавена информација дека свечено е пуштен во употреба новиот салон за автомобили – токму во објектот започнат со градење како дивоградба, а стекнат со одобрение за градење. За првата фаза во самиот тек на градбата, за втора фаза кога веќе бил завршен и пуштен во употреба“,
пишува во предметот антикорупционерот Нури Бајрами.
Георгиевски: Сè е во согласност со закон
Уште кога ДКСК најави дека ќе го истражува конкретниот случај во Гази Баба, поранешниот градоначалник Георгиевски реагираше дека ниту го оштетил буџетот на Општината ниту дозволил правно лице да се стекне со противправна корист. Притоа, не навлезе во деталите што ги објави Антикорупциска – како објектот добил дозвола за градба откако веќе бил изграден.
„Најодговорно тврдам дека сите акти на Општината се во согласност со закон, а доколку сегашниот градоначалник смета дека е поинаку, во секое време може да ги поништи сите акти донесени од мене. Градоначалникот не ги води постапките сам, за законитоста на постапките потврдуваат стручните служби на Општината“,
изјави Георгиевски во февруари годинава.
„360 степени“ го побара Георгиевски за дополнително објаснување за постапката што се води против него. Тој повтори дека предметот е во согласност со сите управни акти што се водени во рамки на Општината.
„Сите акти како состојба се наоѓаат во Општината и можат комплетно да се разгледаат. Но, постапката не е целосно завршена. Како управна постапка, има и жалба до Вишиот управен суд. Постапката не е завршена пред надлежните институции, а со тоа не е донесена ниту конечна одлука“,
вели Георгиевски.

За разлика од претходниот, администрацијата на актуелниот градоначалник тврди дека не знае за никаква постапка што се води пред Вишиот управен суд. За Општината е нелогично и зошто воопшто би имало таква жалба кога таа во времето на Георгиевски веќе издала решение за изградба на објектот, кое е незаконско бидејќи било донесено откако веќе почнал да се гради.
Новиот против стариот градоначалник
Од Општина Гази баба одговорија дека ќе се приклучат кон иницијативата на ДКСК за поднесување кривична пријава. На прашањето дали тоа значи дека ќе го уриваат објектот на „Електроелемент“, велат:
„Општина Гази Баба ќе го чека исходот од постапката пред надлежните институции“,
стои во кусиот одговор.

Членот на ДКСК, Нури Бајрами, на денот кога го објави случајот, сподели и други загрижувачки информации. Општината имала само една овластена градежна инспекторка, која, патем, постапувала во случајот, а и таа го напуштила работното место.
„Оваа пракса покажува дека овластените општински инспектори, како што се поставени под капа на градоначалникот, тој одлучува за нивните права и обврски. Инспекторот бил на мака и тој требало да се изјаснува пред членовите на Советот, бил изложен на мобинг. На последната средба што ја имавме, дознавме од актуелните вработени, односно од тие што присуствуваа на состанокот, дека овластениот инспектор ја напуштил работата. Ова е појава што треба да се третира на наредните дебати, овластените инспектори навистина да можат да постапуваат“,
изјави на прес-конференцијата Нури Бајрами, член на ДКСК, презентирајќи го случајот.
За „360 степени“ од Општина Гази Баба ја потврдија информацијата за отказот што го дала градежната инспекторка Милка Петковска. Но, оттаму велат дека немаат информации за тоа дали некој претходно и вршел мобинг на работното место.
„Лицето вработено како градежен инспектор поднесе барање за предвремено раскинување на договорот за работа и истата е одјавена“,
одговорија од службата за односи со јавност на Општината.
Како се градеа и други дивоградби додека Гази Баба постапуваше
Бидејќи била единствена, Петковска постапувала и по другите пријави за нелегално градење објект на територијата на Општината. „360 степени“ во неколку наврати пишуваше за диво градење и на државно земјиште, зад поликлиниката во Ченто. Објектот не само што не е урнат туку при секоја наша посета беше сè поблиску до завршување. Со промената на власта, како што велат локалните жители, единствената разлика е што запрело и неговото финиширање.
Во случајот, градежните зафати започнаа како реконструкција на привремен објект кој постоел на локацијата – барака. Проверувајќи ги јавно достапните документи од Катастарот за недвижности, утврдивме дека парцелата на која се гради е во државна сопственост.



Урнатите бараки во минатото имале разни намени и исто така биле државни, но некако станале приватна сопственост на лицето Исни Адеми. Дополнителната проверка покажа дека според важечкиот ДУП за просторот на парцелата на која се гради нема маркица за објект туку за јавни површини, односно дека бараките биле привремени објекти. Тогашниот градоначалник Георгиевски тврдеше дека општински служби заедно со полициска асистенција ја отстраниле оградата поставена од инвеститорот. Откако објектот продолжил да се гради, на 11 мај 2011 година Општината издала решение за престанок на градба кое не се испочитувало.
Но Второстепената комисија ја прифатила жалбата на инвеститорот против решението на Општината за стопирање на градбата, и тоа поради процедурални пропусти кај општинската инспекција. Инвеститорот не бил присутен на надзорот, а решението му било врачено по пошта еден месец подоцна. Со тоа Второстепената комисија сметала дека е направена повреда на постапката бидејќи на инвеститорот не му била дадена можност да се запознае со надзорот во законски предвидениот рок пред да се донесе решението.
„Диспозитивот на обжаленото решение е нејасен, неопределен и неразбирлив и не ги содржи сите податоци од член 141 од Законот за градење. Нема наведено која градба од која категорија, кои ѝ се димензиите, исто така, не е наведена катастарската парцела на која се наоѓа градбата, имотниот лист во кој е заведена. Градежниот инспектор на Општина Гази Баба на повторената постапка имајќи ги предвид укажувањата правилно да ја спроведе постапката на инспекцискиот надзор и во записник правилно и целосно да ја утврди фактичката состојба за предметот“,
ни одговорија тогаш од Второстепената комисија испраќајќи ни го донесеното решение.

Поранешниот градоначалник Георгиевски тогаш не препозна грешки во своите редови. Но, на 25 август 2021 година истакна дека Општината веќе донела решение за безусловно уривање и отстранување на објектот без разлика дали тоа ќе биде на сметка на општинската каса или на инвеститорот Адеми.
„Ја чекавме одлуката на Второстепената комисија бидејќи инвеститорот тоа го вложи, нè враќа назад за да можеме повторно да ги разгледаме сите доказни материјали, во смисла дали постоело градба на тој објект, каква градба имало таму, дали паралелно се запазени од наша страна и од страна на инвеститорот. Постапката како управна постапка е во тек кај градежниот инспектор кој во моментот е на годишен одмор, се надевам дека наскоро ќе го решиме овој проблем“,
изјави Георгиевски пред половина година.
Но, од кабинетот на актуелниот градоначалник Бобан Стефковски го тврдат спротивното – такво решение за уривање никогаш не било донесено.
„Поранешниот градежен инспектор има донесено решение за стопирање градба и решение опомена за непостапување, а не и решение за рушење на градбата. Од страна на инвеститорот била приложена жалба до Второстепената комисија на решението – опомена, по што Второстепената комисија ја уважила жалбата и решението – опомена го поништила“,
одговорија од Општината.
Но, поранешниот градоначалник Георгиевски за „360 степени“ стои на ставот изнесен пред половина година, а тоа е дека донел две засебни решенија – за поништување на одобрението за реконструкција на бараките, но и решение за уривање на дивоградбата. Тврди дека такви документи постојат посочувајќи ни да ги побараме од Општината.
Па, „360 степени“ повторно се обрати до Општина Гази Баба. Локалната власт ни овозможи увид во спорниот предмет и во папката го немаше решението за уривање за кое говори Георгиевски. Вистината, се чини, ќе биде онаа зад која ќе застане обвинителството.

This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.