Гужви на граничните премини на Балканот во пресрет на новогодишните празници. Втор ден има километарски колони на границата меѓу Хрватска и Словенија, а најлошо е на граничниот премин Брегана, каде се чека и повеќе од десет часа.
Повеќе од 21 000 патници ја минале границата до 19 часот, а 70 проценти од нив транзитираат, пренесува ХРТ. Медиумот посочува дека гужвата е резултат на затворањето на голем број работните места поради ковид-19 во Европа, па граѓаните се враќаат дома за празниците.

Хрватска пред неколку дена ги продолжи строгите мерки на границите, кои поради епидемиолошката состојба ќе важат уште еден месец, односно до 15 јануари. Граѓаните на ЕУ можат да влезат во Хрватска само со негативен ПЦР тест, не постар од 48 часа, или мора да одат во самоизолација се додека не добијат негативен тест. Обврската за ПЦР-тест или самоизолација важи и за сите хрватски граѓани надвор од Хрватска кои би сакале да ги поминат празниците во својата татковина. Од ваква обврска се изземени само оние што транзитираат низ оваа земја.

Гужви има и на граничните премини меѓу Унгарија- Србија, како и Хрватска-Србија.
За влез во Србија в понеделник станува задолжителен ПЦР-тестот. Ако граѓаните го немаат, ќе мора да останат во самоизолација 10 дена. Доколку сакаат да го направат, ќе треба да платат 140 евра, ако се странски државјани.

Засега Македонија не планира мерки на реципроцитет кон Србија. Се уште за влез во земјава од ниту една држава не е потребен негативен ПЦР-тест.
Поголем број автомобили викендов е забележан на премините „Табановце“ и „Блаце“.