На прашањето дали може во исто време да се преземе обврска за спроведување на четириесетте препораки од Оценската мисија на ЕУ како дел од Реформската агенда од Планот за раст на Западен Балкан на Европската Унија, и да се оди спротивно на тоа (со интерпелација пет члена на Судскиот совет), претседателот на Собранието рече дека на ова треба да се гледа комплементарно
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, вели дека Судскиот совет е клучна алка за подлабока реформа во правосудниот систем, прашан за интерпелацијата што е активна во Собранието за пет члена на Судскиот совет кои се избрани од парламентот во контекст на ставот на Европската Унија дека очекува од земјава да ги спроведува четириесетте препораки од извештајот на Оценската мисија.
„Јас не учествувам во креирање на таа политика или на таа длабока реформа, само низ призма на претседател на Собрание го гледам ова како политичар. Мислам дека граѓаните знаат дека Судскиот совет има голема важност во овој процес. Мислам дека понесени од ова е започнат тој процес за да направиме една сензибилизација и во Судскиот совет, за да почнеме од таму една подлабока реформа“,
коментира Гаши.
На прашањето дали може во исто време да се преземе обврска за спроведување на четириесетте препораки од Оценската мисија на ЕУ како дел од Реформската агенда од Планот за раст на Западен Балкан на Европската Унија, и да се оди спротивно на тоа (со интерпелација пет члена на Судскиот совет), Гаши рече дека на ова треба да се гледа комплементарно и дека ова би го забрзало имплеметирањето на сите други 40 препораки.
Ставот на премиерот Христијан Мицкоски е дека новите членови, под претпоставка дека овие петмина ќе си заминат, би се бирале според постоечките закони. Дел од препораките на Оценската мисија на ЕУ, пак, се да се смени начинот на избор на овие членови.
„Ни треба појасна слика и за јавноста и за сите фактори во државата, особено во делот за правосудството, за да знаеме каде почнуваме и каде сакаме да завршиме. Една работа е многу јасна, ова парламентарно мнозинство сака добри и длабоки реформи и во правосудниот систем и во владеење на правото. Се водиме од ова начело. Затоа, еве веќе седум-осум месеци како работи оваа Влада и новиот парламентарен состав и сме многу внимателни за оваа димензија. Не сакаме да избрзуваме за да не изнајдеме палијативни решенија од ден за ден па да се навраќаме.“
На прашањето дали се согласува дека процесот сега доби друга брзина и дека некој како да почувствува дека Американците ги нема па сака да го искористи тој простор за смена на членови на Судскиот совет и за смена државиот јавен обвинител, Гаши коментираше:
„Постојано треба да бараме помош и асистенција од нашите пријатели. Соединетите Американски Држави имаа вложено многу и како знаење и како финансиска помош за реформите во нашиот правосуден систем. Затоа треба да продолжиме да се консултираме со нив, а не да ги избегнуваме или да се радуваме дека сега не сме на радарот на нивното внимание. Напротив, ние треба да бараме од нив да се вклучат и мислам дека само една поголема инклузивност на сите фактори и домашни и меѓународни во смисла на давање експертизи и искуства, иако мислам дека и во нашата држава имаме доволен број експерти кои ако се согласуваме околу начелото дека сакаме длабока реформа во насока на владеење на правото, ќе дојдеме до вистинското решение“.
Инаку, петтемина членови на Судскиот совет за кои се бара интерпелација се Весна Дамева, Тања Чачарова-Илиевска, Муљазим Мустава, Павлина Црвенковска и Селим Адеми.