Зборувајќи за работата на Собранието во изминатата година, тој рече дека врз основа на истражување на јавното мислење, првпат по десет години имаме подобрена перцепција на граѓаните за Собранието. Но, исто така, укажува тој, треба да се намали бројот на закони по скратена постапка што се предлагаат и оти на тоа постојано ќе посочува. Според него, едно од решенијата за намалување на бројот на закони по скратена постапка е календарот за работа на парламентот што треба да се донесе во јануари така што Владата, предлагачите на законите, но и министерствата и администрацијата ќе можат да планираат кога да ги достават законите до Собранието
Во Собранието мора да преовлада заемната почит помеѓу пратениците, па и на различни политички партии. Ако не се почитуваме ние самите, не можеме да очекуваме дека граѓаните ќе нè почитуваат. Оттука почнува сè, вели во интервју за МИА претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Разликите постојат и треба да останат, вели тој, но не треба да бидеме барикадирани во нив, туку низ дијалог и врз база на аргументација да доаѓаме до заеднички решенија кои се во функција на добробит на сите граѓани.
Во пораката што ја упатува до пратениците и до граѓаните во пресрет на Новата година, Гаши посочува оти очекува да се зголемат политичката култура и заемната почит.
„Премногу негативна енергија имаме, контаминирано општество создаваме. И Собранието треба на некој начин да биде предводник на ова премостување на вредносниот систем. Треба да направиме и вредносна транзиција во општеството. Да почнеме да зборуваме за добрите работи, за почитта, за љубовта, за позитивните работи во државата, за помош, солидарност, за емпатијата, за етиката, за моралот, нашите семејни вредности итн.“,
посочува Гаши.
Зборувајќи за работата на Собранието во изминатата година, тој рече дека врз основа на истражување на јавното мислење, првпат по десет години има подобрена перцепција на граѓаните за Собранието. Но, исто така, укажува тој, треба да се намали бројот на закони по скратена постапка што се предлагаат и оти на тоа постојано ќе посочува. Според него, едно од решенијата за намалување на бројот на закони по скратена постапка е календарот за работа на парламентот што треба да се донесе во јануари, така што Владата, предлагачите на законите, но и министерствата и администрацијата ќе можат да планираат кога да ги достават законите до Собранието.
„Прво, веднаш планираме во јануари да донесеме календар. Ќе предложиме на координација календар на активности и на пленарни седници по кои ќе комуницираме со Владата, и тие ќе знаат точно кои месеци, кои денови точно ние планираме пленарни седници. Кога сакаат да им се донесе закон, ќе знаат точно кога да го пратат. И ќе треба сензибилизација. Јас мислам дека не е работата само до Владата. Имаме, за жал, неквалитетна или недобра култура во однос на меѓуинституционалната работа помеѓу ресорите и службите што работат во министерствата и во Собрание. За 34-35 години така се научени побрзо да ги завршат работите. Мислат дека Собранието треба да биде гласачка машинерија за носење закони. Тој пристап мора да се смени“,
потенцира собранискиот спикер.
Законите, додава тој, треба да се донесат во редовна постапка, затоа што така ќе има можност и за поголема промоција и вклученост на експертската јавност.
На прашањето дали очекува да го заврши собранискиот мандат како претседател на Собранието, имајќи ги предвид новите позиционирања во политичките кампуси, по локалните избори и најавите за нови промени до пролет, Гаши вели дека тоа е најмалку важно за него.
„Јас секој ден го работам како да е последниот ден како претседател на Собрание. Мене ми е многу битно секој ден да го работам чесно, да дадам сè од себе и да имам мирна и чиста совест кога ќе заспијам таа ноќ. Утредента што ќе се случи, за работи кои не зависат од мене, а знаете, политиката во сржта нејзина се состои од компромиси. Може сè да се случи, и додека зборуваме ние, може да има промени. Така што, не се оптоварувам со тој дел, не е битно јас кај ќе бидам. Битно ми е додека јас сум на таа функција, во таа улога, да дадам сè од себе таа функција да биде издигната, надоградена, достоинствена и секој нареден кој ќе дојде после мене, да му биде полесно, да имаме подобра институција која ќе биде во служба на граѓаните“,
посочува Гаши.
Во однос на коалицијата ВЛЕН, Гаши е убеден дека многу брзо ќе прерасне во еден голем политички субјект.
„Јас сум многу среќен што коалицијата ВЛЕН добро функционира. Идејата за станување еден политички субјект е многу жива и многу активна. Таа може да се случи набрзо. Тоа го знам од информациите, нормално, со моите пријатели. И јас мислам дека тоа е праведниот пат и најдобриот пат кон кој треба да се движи нашата коалиција. Граѓаните се уморни од атомизирање, од поделби, од политички партии. Сакаат да видат сигурност, сакаат да видат сплотеност, сакаат да видат дека политичарите и лидерите можат да се надминат себеси. Дека не е битката кој ќе биде претседателот, туку битката е на кој пат одиме, кои вредности ги промовираме, за што се ангажираме и за што се бориме. Ако вака ги гледаме работите, јас сум убеден дека многу брзо ќе дојдеме до еден политички субјект кој би се нарекол голем, и ќе биде апсолутно потоа помалку битно кој ќе биде претседателот, кои ќе бидат членовите итн. Мислам дека за две години поминавме два тешки изборни процеси, парламентарните и локалните. И оваа политичка композиција е доволно хомогенизирана и е докажано дека може да функционира и на парламентарни, и на локални, и во кампања, и да состави листи, и да направи заедничка кампања, и да функционира во Владата, и во Собрание функционираме без разлика, никој не знае кој од која партија е. Така што има доста елементи на сплотеност за овие две години. Мислам дека треба да се додаде енергија на сплотеноста, и ВЛЕН да стане една политичка партија“,
вели Гаши.
На прашањето како ги коментира случувањата во албанската опозиција и дали може да се очекува Али Ахмети да се повлече од челната позиција во ДУИ, претседателот на Собранието одговара:
„Тоа е навистина нивна работа. Тие граѓани, тие припадници на таа партија, имаат целосно право да одлучуваат кој треба да ги претставува, како треба да ги претставува, каде треба да одат, со што треба да се занимаваат во политика. Ако тие мислат дека таа личност треба да продолжи да ги води и после 22 години на власт, тоа е нивна работа. Јас го почитувам. Значи, многу е битно да знаеме да ги почитуваме одлуките на една група граѓани. И во Собранието ние не може да се согласуваме со секој пратеник. Но секој пратеник што го гледам јас во неговото столче, гледам 10 000 граѓани позади него. И пред сè, треба да знаеме дека тој човек претставува луѓе, и треба да ја имаме почитта не само кон него лично, туку кон луѓето што ги претставува. Тоа исто значи и за претседател на партија, на функции во партии. Кога една група луѓе му дава на некој човек некоја функција и задача, и таа е јавна, ние другите треба да ја почитуваме како волја на одредена група граѓани“.
