Спикерот повика на воздржаност од секоја форма на притисок, користење говор на омраза, поларизирачка пропаганда и злоупотреба на јавните ресурси за време на избориот период, додавајќи дека политичката трка треба да се одвива во духот на здрава демократија
Покажете висок степен на политичка и граѓанска култура – им порача претседателот на Собранието, Африм Гаши, на сите политички субјекти, кандидати, институции, медиуми, активисти и граѓани во пресрет на утрешниот старт на кампањата за овогодинешните локални избори.

Собранискиот спикер повика на воздржаност од секоја форма на притисок, користење говор на омраза, поларизирачка пропаганда и злоупотреба на јавните ресурси за време на избориот период, додавајќи дека политичката трка треба да се одвива во духот на здрава демократија.
„Да биде трка на идеи и програми – без инциденти, без заплашувања, без навреди или омаловажувања. Граѓаните заслужуваат почит, а демократијата бара одговорност. Демократијата не се мери со победата на еден поединец или партија, туку со достоинството на изборната трка. Затоа, со доверба очекувам овој изборен процес да биде сведоштво за нашата демократска зрелост и одраз на нашите европски аспирации“,
порача Гаши.
Спикерот додаде дека парламентот веќе се изјаснил за сплотеност преку Заедничката декларација за фер и демократски избори, потсетувајќи ги нејзините потписници дека почитувањето на нејзините одредби е морална и политичка обврска на секој учесник во изборната кампања.
Од ноќеска на полноќ (29 септември) стартува изборната кампања за годинашните локални избори чиј прв круг ќе се одржи на 19 октомври.