Без да коментира повеќе, Гаши вели дека им остава на политичките партии да донесат одлука кога е потребно тоа да се направи и околу кои прашања
Прашан за став околу воведување на гласање со т.н. Бадентерово мнозинство во Уставниот суд, претседателот на Собранието рече ова прашање не треба да биде табу-тема и за него треба да се разговара од два аспекти – едниот политички, а другиот професионален
Отворањето на Уставот е сензитивна работа и пред сè зависи од договор помеѓу политичките партии, вели претседателот на Собранието Африм Гаши. Прашањето на собранискиот спикер денеска му беше поставено во контекст на иницијативата на Уставниот суд за воведување на институтот уставна тужба, на која неделава стана збор на тркалезна маса во просториите на Судот.

Без да коментира повеќе, Гаши вели дека им остава на политичките партии да донесат одлука кога е потребно тоа да се направи и околу кои прашања.
„Отворањето на Уставот е сензитивна работа и пред се работа на договор помеѓу политичките партии и тоа знаете дека во Собранието е потребно две третини од пратениците да се договорат за отворање на Уставот. Јас не би коментирал, и би оставил за тоа политичките партии да донесат одлука кога е потребно тоа да се направи и околу кои прашања“,
изјави собранискиот спикер.
Инаку, на тркалезната маса меѓу присутните кои имаа свои обраќања беше и премиерот Христијан Мицкоски, кој кажа дека институтот уставна тужба треба да се воведе, но за тоа да се реализира претходно се потребни измени на Уставот, за кои во моментов, како што рече, нема политички услови.
Согласен со него беше и претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, кој беше домаќин на настанот.
„Значи, потребен е уставен основ за таков закон што ќе се носи со двотретинско мнозинство и за воведување на уставната тужба потребни се уставни измени, но како што кажа и претседателот на Владата, кај нас отворањето на Уставот секогаш е чувствително прашање и тема и затоа конечниот заклучок, според мене, е кога ќе се создадат услови, тогаш и ќе пристапиме кон таква институционална реформа“,
кажа Костадиновски.
На новинарско прашање што значи тоа да се создадат услови, одговори премиерот Мицкоски, кој посочи дека промена на Устав е политичка тема, која во конкретниот случај се однесува на правна тема, односно, како што кажа, потребата Уставниот суд конечно да добие своја тежина во самиот Устав.
Инаку, уставните измени најчесто се споменуваат во контекст на измените за внесување на Бугарите во Преамбулата на Уставот што е услов земјава да ги отпочне преговорите по поглавја и кластери за членство во Европската Унија (ЕУ).
Гаши денеска беше прашан и за став околу уште едно прашање поврзано со Уставот и Уставниот суд, а тоа е воведување на гласање со т.н. Бадентерово мнозинство во Уставниот суд.
Според претседателот на Собранието ова прашање не треба да биде табу-тема и за него треба да се разговара од два аспекти – едниот политички, а другиот професионален.
„Пред сè треба да го имаме на ум фактот дека Уставниот суд треба да ја одигра својата улога каква што му е пропишана во Уставот, а тоа е да го брани Уставот и уставноста на донесувањето на законите во државата. И затоа не треба да имаме предрасуди кон темите кои водат кон квалитетно одлучување, туку пред сè треба да имаме на ум каков Уставен суд ќе имаме и тој да биде во најдобра можна ситуација да решава во однос на бранење на Уставот и уставноста на носење на закони во државата“,
изјави Гаши, одговарајќи на новинарско прашање.

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски прашан за Бадентер во Судот во вторникот рече дека тој досега веќе го кажал својот став, наведувајќи оти смета дека подобро да се затвори институцијата отколку да се воведе таков механизам.
„Таков механизам е соодветен за политички органи како што е Собранието и е здрав механизам. Меѓутоа во институција како што е Уставниот суд, кој е чисто правна институција воведување на механизам, можеби сум бил брутален, ама сум кажал дека подобро е да се затвори институцијата отколку да се воведе таков механизам. Зошто? Затоа што во тој случај нема да одлучуваат уставно-правните аргументи, ќе одлучуваат друг тип на аргументи“,
рече Костадиновски.
