Порача дека коалицијата „Вреди“ е доследна на ставот за усвојување на уставните измени и тоа во конкретен рок, како и дека претседателот на државата треба да се избира во Собранието. Коалицијата „Вреди“, како што оцени Гаши, е гаранција дека уставните измени ќе бидат усвоени во идната влада
Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, чија партија е дел од коалицијата „Вреди“ на опозициските партии на Албанците, денеска во изјава за медиумите во извесна мера ја потврди најавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оти „Вреди“ ќе биде дел од новоформираната влада по изборите на 8 мај.
„Како единствени натпреварувачи во албанскиот политички кампус и, се разбира, победници на овој блок, ние сме и единствени и легитимни претставници на Албанците на овие избори. Следствено, ова нè обврзува да ги претставуваме Албанците и во идната влада, каде што, меѓу другото, ќе раководиме со важни институции од секторот за внатрешни работи, кои се одговорни за санкционирање на криминалот и корупцијата, за да се бориме силно и директно против повеќеслојниот и долгогодишниот криминал и корупција“,
изјави Гаши на денешната прес-конференција.

Порача дека коалицијата „Вреди“ е доследна на ставот за усвојување на уставните измени и тоа во конкретен рок, како и дека претседателот на државата треба да се избира во Собранието. Коалицијата „Вреди“, како што оцени Гаши, е гаранција дека уставните измени ќе бидат усвоени во идната влада.
„Бидете спокојни дека е само пропаганда тоа дека некој ќе ги блокира уставните измени и евроинтеграцискиот пат. Албанската коалиција ‘Вреди’ е гаранција во идната влада дека уставните измени ќе се усвојат и за ова ќе имаме посебна рамка за мерките и роковите за спроведување на оваа обврска. Секако, нашето инсистирање е тие да се усвојат што е можно побрзо и преговорите за пристапување во ЕУ да започнат што поскоро“,
додаде Гаши.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера изјави дека идната владина коалиција ќе ја предводи неговата партија, а во неа ќе биде и коалицијата „Вреди“.
По изјавата на Мицкоски, реагираа од Алијанса за Албанците која е дел од „Европскиот фронт“ на ДУИ. Оттаму кажаа оти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го открил предавството на албанската опозиција која, како што оценија, се подготвени да направат каков било компромис, дури и да се откажат од условувањето за усвојување на уставните измени, само за да му се допаднат на Христијан Мицкоски.