Немаме ниедна понуда, одговори лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, вечерва во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат на прашањето дали добиле понуда од СДСМ за разговор за влез во владата.
Со оглед на тоа што партијата е во коалиција со Алијанса за Албанците и досега соработуваше со ВМРО-ДПМНЕ, Гаши вели дека принципиелно е прво да разговара со нив.
„Принципиелно е ние да дискутираме прво со ВМРО и Алијанса, да видиме кој е нивниот концепт за развој на понатамошните процеси, за тоа како го гледаат тие, а како ние на процесот за излез од кризата. Ако имаме заеднички точки, ако се усогласуваме, мислам дека ќе продолжиме да бидеме конзистентни во тоа што сме биле досега како конструктивна опозиција итн. Но, доколку не може да се договориме, дури тогаш може да видиме што се очекува од нас, кој е новиот контекст, во тој нов контекст каде може да се најде себеси Алтернатива и, се разбира, ќе треба оваа работа да ја дискутираме во нашите партиски органи. Ние сме демократска партија со доста развиена демократија, ние не ги добиваме одлуките од еден човек или од некоја тесна група туку ја отвораме како дебата внатре, дискутираме долго, ги анализираме сите димензии и ја носиме таа одлука за која мислиме дека е во интерес на сите граѓани“,
рече Гаши.
Во однос на Беса, пак, тој рече дека со оваа партија немаат контакти и воопшто немаат никаква заедничка точка со нив.
На прашањето – кој би бил тој политички контекст што би ја натерак Алтернатива да почне да размислува да стане дел од мнозинството предводено од СДСМ, а во кое дел би била и ДУИ, Гаши одговори дека треба да има некој поголем политички поттик.
„Навистина не знам, треба да биде поголем контекст за да не тера да размислиме бидејќи во моментов сме опозициска партија и моментално сме таму. Треба поголем поттик, нов регионален, геополитички контекст, меѓународниот фактор со цел да нè натера да размислиме и потоа, ако сме убедени дека е во интерес на граѓаните, да одлучиме“,
вели Гаши.
Една од причините за да почне да размислува за влез во Влада со СДСМ и ДУИ, рече тој, е гаранција за почеток на преговорите со ЕУ во декември.
„Ова е една од причините за да почнеме да размислуваме. Добро рековте. Јас само дадов неколку индикации што е нешто во поголем интерес за граѓаните. Не зборуваме само за интерес на Алтернатива. Јас само дадов индикација … Можеби треба да имаме повеќе аргументи. Оваа причина може да биде недоволна во Алтернатива. Ако е само тоа причината, ние дискутираме внатре во партиските органи, нашето мнозинство во партијата може да рече дека ова не е доволно за ние да ја промениме страната. Затоа, хипотетички го реков тоа и да видиме каков нов контекст ќе се создаде“,
рече Гаши.
Лидерот на Алтернатива порача и дека за него е важно да не подлегне под влијание на озборувања или индикации и оти бара силни гаранции со цел да биде сигурен кога ќе каже нешто пред неговото членство.