Одговарајќи на новинарски прашања на денешниот брифинг со новинарите тој рече дека претстојните избори се важни од аспект на решавање на локалните проблеми на граѓаните и оти не може секои избори да ги сведуваме на, како што кажа, живот или смрт
„Од 2 ноември, кога ќе завршат локалните избори, сè ќе продолжи да тече како што треба. Сонцето повторно ќе изгрее и на 3 ноември“, рече претседателот на Собранието
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, вели дека не очекува да има инциденти за време на локалните избори закажани за 19 октомври, а за такво нешто не станало збор ниту на Советот за безбедност, чиј член е по функција.

Гаши ова го кажа на денешниот брифиг со новинарите во Собранието, одговарајќи на новинарско прашање во врска со Декларацијата за фер и демократски избори што в петок треба да се најде на дневен ред пред пратениците, како и за наративот што преовладува меѓу кандидатите за градоначалници од коалицијата ВЛЕН и „Национална алијанса за интеграција“ предводена од ДУИ.
Имено, претседателот на Собранието беше прашан дали стравува дека во Чаир можат да се случат некакви инциденти поради заострениот наратив и реторика на двајцата противкандидати.
Оценувајќи го прашањето како политичко, Гаши рече дека не треба да дава коментар, но сепак, како што кажа, ќе го каже својот став во општи рамки. Во тој контекст собранискиот спикер кажа дека неговата иницијатива со Декларацијата, меѓу другото, е и во таа насока и оти е срамота по повеќе од три децении независност и плурализам сè уште да се говори за предизборни и изборни инциденти.
„Јас се надевам дека по 34 години независност и плурални избори од 1990 година е срамота како општество и држава да зборуваме повторно за поголеми инциденти. Изборите се најдобриот индикатор за развојот на демократијата. И мислам дека на денот на локалните избори, без разлика колку некои избори се битни или небитни, не смее во никој случај да се загрози правото на ниту еден граѓанин да ја изрази својата волја и да гласа за кого тој сака. Ние како Собрание правиме сè што можеме сите актери во изборите да го слушнат овој глас – дека политичката битка не вклучува инциденти. Зошто да има инциденти?“
рече Гаши.
Надоврзувајќи се на ова прашање, тој рече дека претстојните избори се важни од аспект на решавање на локалните проблеми на граѓаните и оти не може секои избори да ги сведуваме на, како што кажа, живот или смрт.
„Овие избори се за решавање на проблемите на граѓаните кои ги имаат во општините, локални проблеми, со канализација, водовод, чистење смет, чист воздух, чисти општини, развојни проекти. но да се сведе ова на наративот да се биде или не, воопшто не се согласувам. Нема никаква индиција дека за тоа се зборува. Од 2 ноември, кога ќе завршат локалните избори сите институции, Собранието и Владата ќе продолжат со своите активности, сè ќе продолжи да тече како што треба. Сонцето повторно ќе изгрее и на 3 ноември“,
рече Гаши.
Во таа насока, тој повика на максимална смиреност и на фер и демократски избори, во рамките на кои секој треба да си го понесе својот дел од одговорноста – политичките актери, активистите, граѓанското општество и новинарите, за кои рече дека исто така се многу битен фактор во овој процес.
Прашан дополнително околку наративот што преовладува во Чаир, претседателот на Собранието рече дека од она што тој го забележал, таму активностите на кандидатите почнале порано, но, според него, тие зборуваат за програми и идеи.
„Досега не сум видел нешто надвор од тоа“,
кажа Гаши на брифингот.
Говорејќи во тој контекст, тој рече оти се надева дека Декларацијата што ја предлага ќе допре до совеста на секој пратеник, на секој кандидат на локалните избори и до секој политички актер.
„Затоа што во највисокиот дом, во Собранието ние се обврзуваме дека изборите ќе бидат фер и демократски. Со нашиот потпис, со нашиот глас. Ако некој не го испочитува тоа, тоа ќе значи дека не го испочитувал својот потпис и својот глас“,
рече Гаши.
Одговарајќи на прашањето дали како член на Советот за безбедност има некакви информации за можни инциденти, претседателот на Собранието рече:
„Нема покренато такво прашање дека има индиции за некој поголем проблем.“
Инаку, како што кажа Гаши, Декларацијата за фер, слободни и демократски избори што тој ја предлага, а која ќе се најде на дневен ред на пленарната седница закажана за в петок (12 септември) досега не е потпишана само од пратеничката група на Левица.

Според него, досега немало никакви забелешки на предлог-текстот на Декларацијата од Левица. Рече оти верува дека в петок таа ќе ја добие поддршката, односно ќе биде изгласана од сите пратеници.
Инаку, традиционално, декларација за фер и демократски избори учесниците на избори потпишуваат и во Државната изборна комисија (ДИК).
Покрај Декларацијата, на пленарната седница в петок на дневен ред ќе бидат и пратенички прашања од опозицијата. Од страна на Собранието, како што рече Гаши, побарале од Владата на седницата да присуствуваат министрите до кои се поставени прашањата, бидејќи дел од нив ретко доаѓаат на овие седници.
Гаши рече дека тоа почесто се случува на редовните седници за пратенички прашања, но, и покрај инсистирањето на новинарите избегна да каже кои членови на Владата досега најмногу отсустувале од заседанијата на кои министрите одговараат на прашања на народните избраници. За ова прашање, Гаши рече дека разговарал и со премиерот Христијан Мицкоски, кој се согласил со барањето и посочил дека тој како премиер со неговото присуство на седниците дава пример дека треба да присуствуваат и министрите.