Тоа е основен услов, тврди претседателот на Собранието за матичната собраниска комисија да може да покрене постапка за разрешување на претседателката на Антикорупциската комисија. Така било пропишано и во закон и во Деловникот
Против првата антикорупционерка минатата недела беше поднесено обвинение – дека издавала службени тајни на лице засегнато во случајот „Адитив“ и дека добила безбедносен сертификат откако испитот електронски и го положил колега од Државниот завод за ревизија
Засега не се исполнети законските услови за Собранието да покрене постапка за разрешување на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска.

Ова на денешниот брифинг со новинарите го изјави претседателот на законодавниот дом Африм Гаши, на прашањето дали парламентот има во план да покрене постапка за разрешување на првата антикорупционерка откако Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) пред три дена поднесе обвинение против неа во рамки на предметот „Адитив“.
Обвинението се однесува на две кривични дела и тоа – оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.
Прво судска пресуда, па постапка за разрешување
Претседателот на Собранието е дециден дека за да биде покрената постапка за разрешување на претседателката на Антикорупциската комисија прво треба да биде донесена правосилна судска пресуда во однос на делата кои Обвинителството ѝ ги става на товар. Таквата одредба, вели Гаши, е пропишана и во закон и во Деловникот.

„Постапката не се однесува за покренување на обвинение, туку за правосилна судска пресуда. Процедурата е пропишана во Деловникот и за тоа се одлучува во Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Ако има каква било постапка, треба да се отпочне од таа комисија и ако тие донесат каква било одлука, таа потоа се проследува на пленарна седница. Што и да одлучи комисијата, јас ќе го процесирам на пленарна седница“,
рече Гаши на денешниот брифинг со новинарите.
Оттука, вели собранискиот спикер, законските услови за отпочнување на ваква постапка не се исполнети.
„Но, во делот на угледот – дали тоа тело може да го води некој против кого е покренато обвинение – е прашање на етика, углед и достоинственост на водење на една институција“,
додаде претседателот на Собранието.
Посочи дека Димитровска нема депонирано оставка до Собранието, а дека засега нема ниту најави за активности или закажани седници во Комисијата за прашањата на изборите и именувањата по однос на ова прашање.
Мицкоски: Не планираме да правиме естрада во парламентот
Фактот дека претседател на оваа собраниска комисија е пратеникот Ѓорѓија Сајкоски од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, беше повод на премиерот Христијан Мицкоски денеска да му биде поставено прашање дали пратениците од партијата чиј лидер е ќе започнат постапка за разрешување на Димитровска.

„Чувствувам дека има поединци кои се обидуваат политиката кај нас да ја направат во естрада. Што ако ВМРО-ДПМНЕ или друга партија поднесе. И за Судскиот совет поднесовме, ги разрешивме, а тие уште седат таму, илјадници евра на грбот на граѓаните добиваат. Да ја оставиме естрадата за естрадните уметници, политиката за политичарите. Ние сега да правиме естрада во парламентот, па тоа ништо не значело според Уставот. Повеќе немаме намера да се занимаваме со такви работи“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Премиерот во оваа смисла повтори дека моралната одговорност е чин кој им стои на располагање на сите што вршат јавна функција и кои направиле некаква грешка, а одредувањето кривична одговорност е во рацете на обвинителството и судството.
ДKСК: Оставката како морален чин е право на претседателката
Додека собранискиот претседател Африм Гаши претпладнево ги брифираше новинарите за законските процедури за отпочнување постапка за евентуално разрешување на шефицата на ДКСК, антикорупционерите испратија официјално соопштение до медиумите по однос на ова прашање, кое повторно се актуализира по поднесеното обвинение на ОЈО ГОКК против Димитровска.

Оттаму посочија дека Собранието е единствената институција која носи одлука за престанок на функцијата на првиот човек на ДКСК согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Поднесувањето оставка како морален чин, пак, како што додаваат од Антикорупциска, е право на самата претседателка.
„Имајќи предвид дека во конкретниот случај станува збор за индивидуална одговорност, ДКСК работи и ќе продолжи да работи и да ги извршува своите надлежности пропишани со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Сепак, во интерес на непречено работење и успешно остварување на целта и надлежностите на ДКСК цениме дека е исклучително важно Државната комисија да функционира во полн состав“,
велат од Антикорупциската комисија.
На крајот на соопштението испратено до медиумите, од ДКСК потсетуваат дека Димитровска во изминатиот период не период не доаѓа на работа, согласно изречените мерки од надлежниот суд.
Кон крајот на април годинава, кога ОЈО ГОКК ја водеше истрагата за предметот „Адитив“, во кој Димитровска беше осомничена, а сега и обвинета, од Обвинителството соопштија дека додека трае постапката против неа, претседателката на ДКСК нема да смее да постапува и да гласа по предметите во Комисијата.
Престанокот на функцијата претседател или член на ДКСК е пропишан во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересот, според кој, функцијата престанува пред истек на мандатот во случај – да поднесе оставка, трајно ја изгуби способноста за вршење на функцијата, што го утврдува Собранието, е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или настапи негова смрт.
Престанокот на функцијата го констатира Собранието.