Гаши нагласил дека и по 20 години кандидатски статус, реформи и тешки и болни одлуки, граѓаните на Северна Македонија остануваат верни на европските вредности

ФОТО: Собрание на РСМ
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска остварил средба со делегација на пратеници во Европскиот парламент (ЕП) која ќе ги набљудува претстојните локални избори во земјата.
Претседателот Гаши, како што информираат од собраниската прес-служба, изразил уверување дека изборите ќе бидат спроведени во целосна согласност со највисоките демократски стандарди и ќе ја покажат демократската зрелост на државата. Тој ја поздравил долгогодишната соработка и редовната комуникација со ЕП, која се одвива преку Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија.
Гаши нагласил дека и по 20 години кандидатски статус, реформи и тешки и болни одлуки, граѓаните на Северна Македонија остануваат верни на европските вредности.
Делегацијата на европратеници е составена од претставници на четири политички партии: Марта Темидо (Социјалисти и демократи, Португалија), Карло Реслер (Европски народни партии, Хрватска и ко-претседавач на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија), Пјер Пимпи (Патриоти за Европа, Франција) и Николас Фарантурис (Левица, Грција).
Европратениците информирале дека се дел од меѓународната набљудувачка мисија предводена од ОБСЕ-ОДИХР и дека, иако многупати учествувале во набљудување избори во земјата, по првпат ќе следат локални избори.
Во соопштението се додава дека нивната цел е да придонесат кон непристрасно и објективно мониторирање на процесот, но и да ја потврдат силната поддршка за Северна Македонија на нејзиниот европски пат.
Соговорниците размениле мислења за подготовката на институциите за локалните избори, како и за текот на кампањата.
Европратениците изразиле надеж дека граѓаните на Северна Македонија на 19 октомври ќе го остварат своето гласачко право во мирна и во демократска атмосфера.
Претседателот Гаши, посакувајќи им успех во мисијата, нагласи дека со големо внимание ќе ги очекува нивните проценки, со уверување дека тие ќе бидат позитивни и дополнително ќе ги зајакнат кредибилитетот и транспарентноста на изборниот процес.