„Очекуваме и чекаме уште малку да видиме дали може да донесеме закони и да не пречиме во работата на другите институции. Ќе гледаме да ги искористиме максимално овие денови“, вели Гаши

Собранискиот спикер Африм Гаши најави дека ќе ги распише локалните избори во првата половина од август, што е и законски предвидениот рок.
Законот предвидува изборите да се распишат 70 дена пред истекот на мандатот на градоначалниците и советниците, што значи дека тие мора да бидат распишани најдоцна во август годинава.
„Очекуваме и чекаме уште малку да видиме дали може да донесеме закони и да не попречиме во работата на другите институции. Ќе гледаме да ги искористиме максимално овие денови. И во утврден датум каде што е во рамките на законските термини ќе ги распишеме изборите, но тоа ќе биде во прва половина од август“,
рече Гаши по денешната средба со градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.
По средбата, Касами одговарајќи на новинарско прашање ги коментираше одлуките на раководството на ДУИ како кандидати за градоначалници да ги номинира Бајрам Реџепи во Тетово и Бујар Османи во Чаир.
„Ако кажам од позицијата која ја има во партијата, тој е втор човек после Ахмети, но реално не е тоа што очекуваа граѓаните од Тетово од ДУИ и од нивната коалиција. Оценуваме дека ДУИ има многу други подобри кандидати, но сепак е нивна одлука. Ако ми се даде мене можноста за Тетово, сигурно дека ќе имаме што да понудиме. За нас е важно да продолжиме да бидеме 24 часа во служба на граѓаните, а граѓаните се тие кои ќе одлучат дали ќе прифатат една или друга опција. Во Чаир исто така ценам дека Бујар Османи не е соодветен кандидат“,
рече Касами.
Вчера опозициската ДУИ соопшти дека поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, ќе биде кандидат за градоначалник на скопската општина Чаир на коалицијата „Европски фронт“, а Бајрам Реџепи, потпретседателот на ДУИ, ќе биде кандидат на коалицијата за градоначалник на Тетово.
По оваа информација имаше реакција од Изет Меџити, кој важи за раководно лице во коалицијата ВЛЕН. Според него, ако ДУИ излезе на локалните избори со познати поранешни државни функционери, тогаш и тој би можел да биде противкандидат на Османи во Чаир.