Гаши најави дека негов план е на таа седница да и претходат опозициски прашања, за да можат да бидат присутни сите, вклучувајќи го премиерот и министрите

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска информираше дека седницата за разрешување на министерот за евроинтеграции Орхан Муртезани и изборот на новите министри најверојатно ќе се одржи по завршувањето на дебатата за Буџетот за 2026 година, односно меѓу 15 и 18 декември. Сепак, тој не исклучи можност седницата да биде закажана и порано.
Владата вчера ги предложи Мухамед Хоџа за министер за животна средина и просторно планирање и Беким Сали за министер за европски прашања.
Гаши најави дека негов план е на таа седница да и претходат опозициски прашања, за да можат да бидат присутни сите, вклучувајќи го премиерот и министрите.
За утре е закажана 73. пленарна седница, а на 9-ти декември 72. седница на која започнува петдневната дебата за Буџетот за 2026 година.
На вчерашната координација, Гаши го замолил координаторот на Левица, Борислав Крмов, да побара од претседателот на Анкетната комисија, Димитар Апасиев, да ја одложи седницата за трагедијата во Кочани.
Причината, како што рече, е седницата на постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, закажана за 9 декември, која се поклопува со почетокот на петдневната пленарна седница за Буџетот за 2026 година.
Одложувањето е со цел да овозможи присуство на премиерот Христијан Мицкоски и сите пратеници кои сакаат да присуствуваат, особено имајќи предвид дека на седницата се поканети родители и блиски на загинатите во трагедијата.
Гаши воедно побарал од пратеничките групи да се договорат и да има само една анкетна комисија за Кочани, наместо двете предложени – едната од СДСМ, Левица и ДУИ и една од владејачкото мнозинство, која би ги разгледувала и претходните трагедии за модуларната болница, „Дурмо турс“ и „Ласкарци“.
Претседателот на Собранието најави дека ќе се интензивира работата на Изборниот законик. Владата веќе информирала дека има финална верзија на законот, а на следната координација ќе се договори форматот на работната група.
Во Собранието се очекуваат и предлози од Владата за измени на Кривичниот законик, по сугестиите на Уставниот суд, но и реформските закони од правосудството.
Во врска со Алијансата на Албанците, Гаши добил известување од Зијадин Села дека партијата нема да биде дел од „Европски фронт“, а пратеникот Илир Демири ќе дејствува како независен пратеник.
