Тој вели дека кога предлогот од Владата ќе пристигне во Собранието ќе го достават до пратениците и ќе почне процедурата. Нагласи дека потоа политичките партии, но и граѓаните, ќе ценат дали е во ред или не

Претседателот на Собранието Африм Гаши не верува оти Владата ќе предложи законски измени за укинување на техничката влада без да има начелен договор меѓу партиите.
Тој вели дека засега сè уште нема никаков предлог од Владата за оваа тема и вели оти за закони што се од голема важност треба да има заеднички договор.
Гаши смета дека и неодамнешната лидерска средба била токму во функција на постигнување начелен договор.
„Не верувам дека Владата, без да има некој начелен договор помеѓу партиите, ќе предложи нешто толку големо и круцијално. Треба да се договараме повеќе пред да ги донесеме пратениците пред свршен чин“,
рече Гаши на денешниот брифинг со новинарите.
Тој вели дека кога предлогот од Владата ќе пристигне во Собранието ќе го достават до пратениците и ќе почне процедурата. Нагласи дека потоа и политичките партии, но и граѓаните, ќе ценат дали е во ред тоа или не.
На новинарско прашање дали се подготвени како владејачко мнозинство да гласат за укинување на техничката влада без согласност од опозицијата, Гаши рече дека законот тоа го овозможува и не го забранува, но смета дека треба да се постигне договор.
Бидејќи техничката влада беше заеднички договорена, Гаши смета дека и нејзиното укинување треба да биде резултат на заеднички договор.
„Ако се настојува да се пристапи инаетчиски или унилатерално и тврдоглаво да се застане зад некој став, тоа е друга работа. Но, треба да се аргументира и да се дојде до решение што сите заедно еден ден ќе кажеме – оваа техничка влада веќе не ни треба. Ако дојде до таков момент, мислам дека е добро заедно да го изгласаме тоа решение. Воопшто зборувам во принцип, силината на аргументите да бидат битни за решавање на проблемите, а не некој посебен интерес на некоја политичка партија“,
рече спикерот Гаши.
По лидерската средба што се одржа на 14 јануари премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека присутните се согласиле оти техничката влада треба да замине во минатото.
Мицкоски тогаш рече дека ако нема согласност кај сите парламентарни групи да се прифати предлогот за укинување на пржинската влада, таа може да важи и за следните избори, па потоа да се укине.
