Локални избори се наближуваат, но мислам дека не треба да не фаќа така секогаш изборна треска и адреналин дека мора да правиме избори за се, вели собранискиот спикер

Стабилно е мнозинството во Парламентот без разлика дали некој ќе излезе или влезе заради превирањата во коалицијата „Вреди“, изјави претседателот на Собранието, Африм Гаши во неделното интервју за Радио Слободна Европа.
Тој ги отфрла повиците на ДУИ дека неопходни се и парламентарни избори заедно со локалните.
„Мнозинството е многу стабилно, веќе околу две третини имаме. Од друга страна, локални избори се наближуваат, но мислам дека не треба да не фаќа така секогаш изборна треска и адреналин дека мора да правиме избори за се. Мора да ги сфатиме локалните избори по природата, какви се и тие во суштина. Се разговара за канализација, за водовод, за почисти патишта, осветлување и мислам дека не треба високата политика да ја вметнеме во делот на локалните избори “,
вели Гаши.
На прашањето што ќе добие „Вреди“ ако од коалиција со четири лидери премине во политичка партија, Гаши вели, стабилност.
„Граѓаните сакаат стабилност. Според мене, една од најголемите причини зошто еден човек се одлучува да гласа за една политичка партија. Можеби они не знаат тоа да го кажат, но во потсвеста стои стабилноста и сигурноста која треба граѓанинот, гласачот да ја има кон една политичка структура. Меѓутоа, бевме 4 политички партии во коалицијата ВЛЕН и сакаме да дадеме стабилност дека овој проект е долгорочен и дека граѓаните можат и треба да калкулираат и да очекуваат да ги реализираме нивните потреби“,
одговара собранискиот спикер.