Истражните и оперативните групи ги испитуваат местата на злосторството во различни области низ регионот на Киев
Украинското обвинителство соопшти дека истражува 4 468 наводни руски воени злосторства откако во јавноста беше откриен случајот со Буча, што е причина за нови санкции кон Русија.
„Руски војници извршиле сексуално насилство врз украински жени и мажи, деца и стари лица“,
изјави украинската главна обвинителка Ирина Венедиктова во специјална изјава, пренесува „Гардијан“.
„Но, жртвите молчат за тоа. Тоа е нивен избор. И јасно е: страв, болка, очај и целосно неверување за сите. Буча беше ослободена од окупаторите, но последиците од нивните ѕверства ќе треба да се санираат долго време: цивили беа убивани на улиците, беше пукано врз нивните автомобили, тие беа мачени во подруми“,
додаде таа.
Венедиктова рече дека обвинителите во моментов истражуваат ужасни мачења, убиства и обиди за палење на шест тела во Буча.
„Окупаторите се обидоа да запалат шест тела на мачени и убиени цивили во Буча“,
рече таа додавајќи дека обвинителите заедно со полицајците од регионот на Киев пронашле комора за мачење во градот Буча во подрумот на детскиот санаториум.
Украинското обвинителство го објави следното соопштение:
„Војниците на вооружените сили на Руската Федерација, за време на окупацијата на градот Буча, кршејќи ги стандардите на меѓународното хуманитарно право, убиваа цивили и ги палеа нивните тела за да ги прикријат злосторствата. Истражителите работат на самото место заедно со полициските службеници. Се преземаат мерки за утврдување на сите околности на кривичните дела. Во тек е преткривична истрага.“
Низ регионот на Киев истражните и оперативните групи ги истражуваат местата на злосторството во различни области, рече Венедиктова.
„Повеќе од 50 члена на националната полиција и обвинители сега се вклучени во спроведувањето на првата истрага само во областа Буча“,
рече таа во изјавата претходно оваа недела.
Слична дејствија, наводно, се одвиваат во сите ослободени градови околу Киев и регионот Черниговски, при што иследниците соработуваат со локалното население, разговараат со сведоците, жртвите и собираат фотографии и видеодокази, рече Венедиктова.
„Потребни се време и професионален пристап за правилно да се анализира и за да не се изгуби шансата да се најдат и да се казнат виновниците“,
додаде таа.