Ова, како што наведува британскиот весник, би можело да сугерира дека интервенциите на Маск во европската политика и високата улога во администрацијата на Доналд Трамп за дефинансирање и депопулација на американската влада, што вклучува и затворање на нејзината програма за помош во странство, доведуваат до реакција кај потрошувачите
Кога станува збор за продажбата на нови возила на производителот „Тесла“, според пишувањето на „Гардијан“, во Европа таа е минатиот месец била речиси преполовена, споредено со истиот период лани.

Намалената побарувачка на возила од американскиот производител на електрични автомобили се совпаѓа со вклучувањето на нејзиниот главен извршен директор Илон Маск во политичките води и во новата администрација на претседателот Доналд Трамп и нивните реакции и директни интервенции на чувствителни прашања од економијата и политиката од двете страни на Атлантикот.
Производителот на автомобили со седиште во Тексас, во јануари годинава продал 9 945 возила во Европа, што е за 45 проценти помалку минатогодишните 18 161, со што уделот на „Тесла“ на пазарот бележи пад од 1,8 на 1 отсто, покажуваат податоците на Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA).
Ова, како што наведува британскиот весник, би можело да сугерира дека интервенциите на Маск во европската политика и високата улога во администрацијата на Доналд Трамп за дефинансирање и депопулација на американската влада, што вклучува и затворање на нејзината програма за помош во странство, доведуваат до реакција кај потрошувачите.
Технолошкиот милијардер и близок советник на американскиот претседател стана гласен поддржувач на германската крајнодесничарска партија АФД во последниве месеци, а во јануари ја опиша и како „најдобра надеж за иднината“ во Германија. Вчера, тој ја повика колидерката на партијата, Алис Вајдел, за да ѝ честита за успешниот настап на партијата на националните избори во Германија, на кои ја удвои поддршката од претходните избори.
Маск исто така се обиде да го искористи случајот со силување на млади девојчиња во Велика Британија за да го нападне премиерот на земјата, Кир Стармер, и други високи политичари дека се обиделе да го прикријат скандалот, и покрај непостоењето на такви докази.
Францускиот претседател Емануел Макрон им се придружи на норвешките, британските и германските лидери на почетокот на јануари во одговорот на низата непријателски објави на социјалните мрежи на Маск кои ги поддржуваат екстремно десничарските политички партии и ги критикуваат левичарските политичари во Европа.

Инаку, според податоците, „Тесла“ минатиот месец во Германија продала 1 277 нови автомобили, што е најнизок вкупен месечен износ од јули 2021 година, според пресметките на Блумберг. Продажбата во Франција е падната 63 отсто, што е најлош биланс од август 2022 година.
Компанијата, исто така, по првпат регистрира помалку возила во Велика Британија од нејзиниот кинески ривал – BYD. Продажбата на „Тесла“ на пазарот на електрични возила е падната за осум проценти, иако самиот пазар минатиот месец бележи пораст од 42 отсто.
Имено, падот на „Тесла“ доаѓа во период кога европскиот пазар за нови електрични автомобили порасна за 34 отсто, заземајќи 15 отсто удел од вкупниот пазар на автомобили, покажуваат бројките на Европската асоцијација на производители на автомобили.