На секој втор човек во светот му се намалиле приходите поради пандемијата со коронавирусот, а луѓето во сиромашните земји се особено погодени со загуба на работното место и скратување на работното време, покажа истражувањето на „Галуп“. Во истражувањето учествувале 300.000 луѓе од 117 земји, а резултатите покажале дека половина од оние кои имаат работа, заработиле помалку поради пандемијата, што значи дека пандемијата погодила околу 1,6 милијарди луѓе низ целиот свет.
„Процентите се движеа од 76% во Тајланд до 10% во Швајцарија,“
соопшти „Галуп“.
Според истражувањето, во Боливија, Мјанмар, Кенија, Уганда, Индонезија, Хондурас и во Еквадор, повеќе од 70 проценти од испитаниците изјавиле дека заработувале помалку отколку пред пандемијата на коронавирусот, додека во САД, 34 проценти рекле дека имаат помалку приходи.
Кризата предизвикана од коронавирусот особено ги погоди жените, кои главно се вработени во ниско платени сектори, како што се малопродажба, туризам и услуги за храна.
Во 57 земји, вклучувајќи ги Индија, Зимбабве, Филипини, Кенија, Бангладеш и Салвадор, повеќе од 65 проценти од испитаниците изјавиле дека престанале да работат некое време поради пандемијата.
Најмалку луѓе престанале да работат во развиените земји со високи примања, па така секој десетти човек во Австрија, Швајцарија и Германија привремено престанал да работи, а во САД 39 проценти од населението привремено престанало да работи поради пандемијата.